Од НАТО беа кристално јасни - членство по промена на името на државата

Објавил: Мирко Бачиќ | 25 јули, 2018 12:35

Пендаровски самоуверен за НАТО ама по успешен Референдум

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Националниот координатор за НАТО – Стево Пендаровски денес во Скопје го пречека директорот за Европски и глобални партнерства на НАТО Џејмс МекКи кој заедно со делегација пристигна во Македонија за да ги започнат пристапните преговори кои резултат ќе имаат само ако прифатиме да го промениме името во Република Северна Македонија.

На самиот почеток Пендаровски беше јасен кој е основниот услов за државата да може да се надева на полноправно членство во НАТО:

“Сакам да потенцирам уште еднаш дека главната политичка задача на нашата влада и нашата држава е билатералниот договор со Грција кој останува да биде нашиот предуслов за полноправно членство. Меѓутоа она што претходи се пристапните преговори со кои почнуваме денеска и очекуваме некаде до Нова година максимум да ги завршиме.”

Пендаровски го поштеди гостинот од новинарските прашања во врска со Договорот со Грција со образложението:

“МекКи нема да разговара за политичкото прашање кое е наша домашна задача – но за сe друго што е типично во пристапните преговори ќе разговараме. Тоа значи од воено – техничките прашања до правните и финансиските импликации на нашето членство.”

Џејмс МекКи се очекува да оствари и средба со министерот за надворешни работи – Никола Димитров.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.