Статистика

Објавил: Калина Мартинска | 12 април, 2024 17:18

Скопје во февруари главна туристичка дестинација, турските гости најбројни

Фото/Текст извор: ©pari.mk

Од месец во месец сѐ повеќе туристи ја посетуваат Македонија, а зголемен е и интересот на странците, кои се постојано доминантни во туристичката статистика.

Со тоа во тренд на раст се и реализираните ноќевања, особено во хотелите, кои се првиот избор на гостите.

Во февруари во државата престојувале 44.224 туристи, од кои 61 процент странски и 39 проценти домашни гости, се последните забележани податоци за февруари од страна на Државниот завод за статистика. Ефектот од таа бројна состојба се согледува во остварените 89.362 ноќевања. Кај домашните посетители се забележани 39.947 (44,7%), а кај странските 49.415 ноќевања (55,3%).

Истиот период лани

Во првите два месеци од годинава, а во споредба со истиот лански период, бројот на туристите е зголемен за девет проценти. Во тие рамки, кај домашните има прогресија за 3,9, а кај странските за 12,8 насто.

Нагорно движење има и кај ноќевањата, кои во јануари и февруари бележат годишен раст од 11,6 насто. Во овој сегмент предничат домашните гости со зголемување од 12 проценти, но со 11,2 насто не заостануваат многу ниту странците.

Најпосетувано место

Најпосетуваното туристичко место, вели статистиката, е Скопје. Во вториот месец од годината главниот град привлекол 18.218 гости. Од Македонија – 2.731, а однадвор 15.487. Зад нив оставиле 32.191 ноќевање, во чиј состав се 4.416 како домашни остварувања и 27.775 странски.

Со оглед на зимскиот период, според бројноста следуваат туристичките места класифицирани како „други“: со вкупно 9.273 туристи и 16.400 ноќевања; 3.207 нашинци со 5.504 ноќевања; 6.066 странци и 10.896 ноќевања.

Во крајезерски места кои обично се атрактивни во потоплите сезони, во февруари престојувале 8.926 гости – домашни 5.161, странци 3.765. Постителите од земјава направиле 9.439 ноќевања, додека странските се помалку – 6.695. Или, заедничкиот учинок е 16.134 ноќевања.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.