Судијката во кривична постапка Добрила Кацарска нервозна кон адвокатите на одбрана им доделува нови по службена должност на осомничените и ги опоменува останатите

Објавил: Мартин Попоски | 24 август, 2018 13:45

Судијата Кацарска ги “чисти” адвокатите на одбраната

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Судијката Добрила Кацарска даде еден час пауза на судењето за упадот во Собранието на 27-ми април откако судницата ја напушти адвокатот на обвинетиот Горанчо Ангеловски за да му обезбеди адвокат по службена должност.

Неговиот адвокат Тони Менкиновски претходно рече дека немал доволно време да ја подготви одбраната на неговиот клиент и поради тоа го повлече полномошното и ја напушти судницата порачувајќи дека за тоа ќе го информира Комесарот за човекови права на Советот на Европа.

Кацарска порача дека тој не може да влијае врз работата на судот со закани и образложи дека обвинетиот го имал ангажирано како бранител адвокатот Александар Огненовски но на 20-ти јули тој му го откажал полномошното.

Како што објасни веднаш го известила Ангеловски дека може да избере нов бранител но откако не добила одговор му назначила бранител по службена должност. Тој го избрал Менкиновски кој ја известил дека ќе го застапува обвинетиот еден ден пред судењето. Според судијката Менкиновски не смеел да ја напушти судницата и да го остави Ангеловски без адвокат поради што судот ќе преземе мерки.

Адвокатот на Борис Дамовски Рубин Двојаков пред судот истакна дека неговиот штитеник и припаѓа на уметничката а не на криминогената фела и дека наводите на обвинението не кореспондираат со реалната состојба на 27-ми април.

Тој изрази увереност дека неговиот клиент ќе добие ослободителна пресуда бидејќи само држел говор пред Собранието.

“На Обвинителството ќе му треба повеќе среќа отколку стручност во делот на докажување на обвинението за Борис Дамовски. Тој се обвинува за едно дејствие дека држел говор за неговата земја – за неговата татковина. Она што го претставува обвинението е спротивно на креативниот и творечкиот опис на мојот клиент.” – рече адвокатот Двојаков.

Адвокатот на Богдан Илиевски – Сања Алексиќ рече дека нејзиниот клиент само ги остварувал правата пропишани со Уставот додека адвокатот на актерот Владо Јовановски Ставре Џиков дека станува збор за политичко обвинение.

“На Обвинителството му требаа 6 месеци да ги препознае овие терористи и да тргне во политички прогон. Обвинението не е составено во Обвинителството туку во други простории од други личности. Се наоѓаме пред суд и судски совет од друго време.” – рече Џиков.

Ова предизвика нова расправија по што Кацарска го опомена и адвокатот на Владо Јовановски Ставре Џиков дека ќе го казни ако го навредува судот.

“За навреда на судот следи парична казна. Држете се до предметот на обвинението а не да говорите како било во минатото. Ова е усна опомена за после тоа знаете.” – му рече Кацарска.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести