Пратеникот на СДСМ од фелата на "независни пратеници", Ферид Мухиќ, очигледно за време на паузата го подигнал "авансот", па инстант го промени мислењето за уставните измени

Објавил: Мартин Попоски | 16 октомври, 2018 6:57

Ферид Мухиќ се “попишмани”, договорот е лош, ама ќе гласам “за”

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Независниот пратеник Ферид Мухиќ, кандидиран од СДСМ го смени првичниот став и од собраниската говорница порача дека ќе гласа за уставните амандмани.

Тој по својот говор доби аплауз од пратениците од мнозинството, а одлуката ја соопшти по паузата од пленарната седница.

Мухиќ остана на својата позиција дека Договорот од Преспа е лош, но додаде дека подобар не може да се постигне.

Мухиќ рече дека за славната Македонија вреди и да се жртвува животот и ако треба да се оди во смрт. Тој додаде дека ако е готов да го изоди патот на чесност и праведност, за својот морал, тоа е еден проблем. Но, додаде дека така ризикува да носи на душа 20.000 луѓе кои гласале за него и оти тоа е друга работа.

Договорот и иднината што ја нуди ги надминува сите наши други интереси. Затоа со голема радост и чувство дека имам привилегија да бидам еден од оние што решаваат за нашата иднина, ќе гласам и ќе го поддржам овој Договор – рече Мухиќ.

Мухиќ рече дека неговото приватно убедување и натаму ќе го брани жестоко, но дека сега не смееме да имаме само приватно убедување.

Тој во својот говор пред пратениците кажа дека Договорот е лош, но дека подобар не може да има.

Констатира дека референдумот не успеа, но според него Договорот носи многу позитивни работи.

Мухиќ рече дека сме немале правна основа да го одбиваме Договорот.

Ја сменивме капата, но не ја сменивме главата. – рече Мухиќ и кажа дека ќе гласа “За”.

Инаку претходно Мухиќ недвосмислено беше против овој наметнат договор.

Ова е флагрантно мешање во внатрешните работи на една суверена држава. Повелбата на ООН и меѓународното право експлицитно потврдуваат дека некои нешта никако не може една држава да ги бара од друга. Со оваа спогодба, правото на самопределување му се ускратува на цел еден народ и на една суверена држава. Со оваа спогодба испаѓа дека сме украле нешто туѓо, сме фатени во кражба и сега му го враќаме тоа на вистинскиот сопственик. –  велеше пратеникот.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести