Премиерот на Косово Харадинај во Драч рече дека се залага за зачувување на актуелните граници на Косово и дека нема потреба за кретаивност во исцртувањето нови

Објавил: Мирко Бачиќ | 28 август, 2018 6:27

Харадинај: Косово има граници и не ни треба креативност

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Харадинај на собирот за економска соработка во регионот кажа дека „Косово има свои граници, има граница со Албанија, Црна Гора, Македонија и Србија“, пренесува Радио слободна Европа.

„Ние ги почитуваме тие граници и не мислиме дека ни е потребна креативност за ново дизајнирање граници“, кажа Харадинај, откако претходно косовскиот претседател Хашим Тачи се заложи за „креативни“ решенија.

Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан, на прашањето за договорот на Косово и Србија, кажа дека не е спремен тоа да го коментира и го повтори ставот на Европската Унија дека ниедна земја не може да влезе во ЕУ доколку не ги реши несогласувањата со соседите.

„Не е пригодно во оваа фаза да се коментираат преговорите кои се во тек. Следната средба во Брисел, меѓу Вучиќ и Тачи, нема да биде последна, туку една во низата. Нормално дека е потребно време додека да се постигне конечен договор“, кажа Хан.

Тачи денес кажа дека „западните партнери“ се отворени за креативни и прогресивни решенија за да се дојде до договор меѓу Белград и Приштина. За време на викендот на собир во Австрија кажа дека со српскиот претседател Александар Вучиќ ја разгледале „секоја можна опција“ за решение на косовското прашање, вклучувајќи корекција на границите.

Портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич кажа денес дека Комисијата смета дека на Србија и Косово треба да им се даде простор да се договорат за содржината на договорот за нормализација на односите, додавајќи дека Европската комисија како посредник во дијалогот не може да ги коментира можните елементи на договорот, но дека ќе продолжи интензивно да работи со двете страни на одржлив договор кој ќе го поддржи меѓународната заедница.

Советникот на американскиот претседател за национална безбедност Џон Болтон минатата недела изјави дека САД нема да се вклучуваат во расправата околу идејата за размена на територии меѓу Србија и Косово, но дека не ја исклучуваат можноста за корекција на границите.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести