Митко Јанчев не отстапува од убеденоста дека ќе е иден претседател на ВМРО - ДПМНЕ, повторувајќи дека гласањето на уставните измени е процес кој мора да успее

Објавил: Мирко Бачиќ | 28 ноември, 2018 12:12

Јанчев: Гарантирам дека Сашо, Миле и Кирил нема да бегаат

Фото/Текст извор: ©dw.com

Поранешниот потпретседател на ВМРО – ДПМНЕ, Митко Јанчев, по вчерашното демаскирање дека одработува за уставните измени со поддршка за премиерот Заев, се огласи со интервју.

Јанчев за Дојче Веле изјави дека средбата е таа, како што ја раскажал премиерот Заев, изјавувајќи дека:

Разговорот помина во многу конструктивна атмосфера. Фокусот беше на заложбата Македонија да оди напред. А, ако сакаме државата да оди напред, треба да се смириме, да се сплотиме, да се обединиме, но и да го намалиме влијанието на партиите во општествениот живот. Заев се согласи дека за намалување на тој јаз, општеството и атмосферата треба да се департизираат. Тоа ќе овозможи граѓаните да имаат свое силно ‘јас’ со кое ќе се надминат сите опструкции и поделби. Разговаравме и за црвените линии во политиката и во сите промени. – вели Јанчев.

Поранешниот потпретседател на ВМРО – ДПМНЕ воедно изјавува дека денес нема да биде на протести, поради градоначалнички обврски.

На протест нема да стигнам. До 18 и 30 часот имам неодложни градоначалнички обврски кои мора да ги завршам, бидејќи граѓаните ме избраа за тоа, да работам да ги реализирам ветените проекти од нивен интерес. – изјави Јанчев.

Воедно појасни дека лично гарантира дека Сашо Мијалков, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски нема да пребегаат, нудејќи гаранции но се осврна и со осуда за пребегот на Груевски.

Не се мешам во судски постапки. Лично се залагам за транспарентност во однос на притворите и на судските процеси, без политичко мешање. Во случајот со притворот за Сашо Мијалков, но и со притворите за Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, мое мислење е дека изречена престрога мерка, и тоа само поради бегството на Никола Груевски.

Судот можел да размисли и за алтернативна мерка, можеби за домашен притвор. Тоа се видни членови на партијата, некои од нив основачи, некои долгогодишни членови, но пред се, тие се семејни луѓе. Јас, како Митко Јанчев, давам моја цврста и лична гаранција, со целиот личен и професионален интегритет и кариера, дека тие луѓе никаде нема да бегаат. – гарантира Јанчев.

Вели дека нема разбирање за бегството на поранешниот премиер.

Искрено, не очекував бегство од Груевски. Ако навистина се плашел дека животот во затвор може да му биде загрозен, требало за тоа да разговара, да се бара некаква алтернатива. Но, по 11 години поминати на највисока функција, најмалку очекувано од негова страна беше бегство. – оценува поранешниот партиски потпретседател.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести