Златко Марин по соопштенијата во име на општина Аеродром, сосема извесно е дека сепак ќе дозволи во зелената површина околу "Мајчин дом" да никне висококатница

Објавил: Мирко Бачиќ | 25 октомври, 2018 9:43

11 милиони евра обештетување за инвеститорот кај “Мајчин дом”

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Трошоците за обесштетување на инвеститорот на деветкатницата кај „Мајчин дом“ би можеле да ја чинат Општина Аеродром 11 милиони евра.

Забраната за градење на деветкатницата поради утврдени недостатоци на градилиштето истече синоќа. 

Изградбата беше стопирана 14 дена, рок во кој градоначалникот Марин рече дека ќе најдат решение за трајно стопирање на градбата и обесштетување на инвеститорот, но решение и по истекот на рокот нема.

Трошоците за земјиште и комуналии изнесуваат околу 5.5 милиони евра. Дополнително, тука се штетите на компанијата за досегашни инвестиции, трошоци за одржување, а како што потенцираше инвеститорот, тој исплаќа и месечна рата за кредитот подигнат за изградба на овој објект. Доколку се оди во насока на обесштетување, инвеститорот би можел да побара сума што би ги покрила сите овие трошоци или да ја тужи општината, што целосно би го блокирало нашето работење. Целиот процес би можел да ја чини општината двојно повеќе од првичните 5.5 милиони евра. – изјавија од општината.

Разговорите за изнаоѓање решение се во тек и покрај истекот на рокот за стопирање на градбата.

Се разгледуваат сите можни решенија во рамките на законските и правните норми, финансиските можности на општината и инвеститорот. Вредноста на земјиштето пред “Мајчин дом” е драстично порасната по пренамената во градежна парцела, што се направи во рамките на ДУП И10 донесен од претходното општинско раководство предводено од ВМРО – ДПМНЕ. Токму затоа, засега е констатирано дека на територијата на општина Аеродром нема друга парцела со која би можела да се компензира оваа вредност. Дополнително, инвеститорот е изложен на високи тековни трошоци, поради што не може да чека процедури за изработка на нови ДУП-ов. – велат од Аеродром.

Инвеститорот „ЗСФ КОМ“ е недостапен за објаснување дали ќе продолжи со градбата. 

Жителите на Аеродром преку протести недвосмислено му укажаа на градоначалникот дека се против деветкатницата и дека нема да дозволат да продолжи изградбата.

Стопирањето токму на овој објект и поништување на планот со кој е предвиден беше главен адут во изборната кампања на сегашниот градоначалник на Аеродром, Златко Марин. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.