Најстариот маж на светот

Објавил: Калина Мартинска | 8 април, 2024 23:31

111-годишен Британец роден истата година кога потона Титаник

Фото/Текст извор: ©novatv.mk

Со 111 години и 224 дена, Џон Алфред Тинисвуд од Англија официјално ја презеде титулата најстар жив маж на светот.

Ова го објави Гинисовата книга на рекорди во петокот, два дена откако ја објави смртта на поранешниот носител на титулата Хуан Висенте Перез на 114-годишна возраст, еден месец пред неговиот 115-ти роденден.

„Или живеете долго или живеете кратко, и не можете ништо да направите по тоа прашање“, рече Тинисвуд во интервју за Гинис за време на кое му беше врачен сертификатот.

Тинисвуд, кој инаку не пуши, ретко пие и јаде риба и помфрит секој петок, рече дека тајната на долговечноста е чиста среќа. Тој советуваше за потребата од умереност во животот:

„Ако пиете, јадете или пешачите премногу, односно ако претерувате во нештата од било која природа, на крајот тоа ќе си го земе данокот“.

Роден во Ливерпул на 26 август 1912 година, Тинисвуд ги преживеа двете светски војни – како и пандемијата КОВИД19 – и исто така го држи рекордот за најстариот преживеан машки ветеран во светот од Втората светска војна, според Гинис. Тој е роден истата година кога потона Титаник.

Тој е доживотен навивач на фудбалскиот клуб Ливерпул и ги преживеал сите деветнаесет победи на неговиот клуб во лигата и сите осум победи на неговиот клуб во ФА купот.

Прадедото моментално престојува во дом за нега во англискиот приморски град Саутпорт.

Менаџерката на домот за нега, Кејти Хауард, изјави за Би-Би-Си дека е чест да се грижи за Тинисвуд, „неверојатна личност со толку многу приказни“, личност која „ужива во читањето весници и слушање радио“.

Најстарата жива жена во светот е 117-годишната Марија Брањас Морера и живее во Шпанија.

Риба и компирчиња (fish and chips) 

Најстариот човек на светот секој петок јаде риба и компирчиња кој што е омилен оброк на многу Британци, јадење кое дури се смета и за британско национално јадење. За негова подготовка најчесто се користи бакалар, но може да се подготви и со некоја друга бела риба, како ослич.

Рибното филе потоа се потопува во тесто од пиво и се пржи во масло, па се послужува со пржени компири и лимон, а во Велика Британија популарен додаток со ова јадење е грашокот.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.