Кандидатите за новите директорски функции до кои разговараше ТВ 24 се воздржуваат од коментар затоа што, како што велат, информациите пласирани во јавноста прво ќе мора и официјално да бидат потврдени.

Објавил: Перо Милчин | 28 октомври, 2020 7:06

КАДРОВСКИ РЕШЕНИЈА: НОВИ ИМЕНУВАЊА ВО ДРЖАВНИ ИНСТИТУЦИИ

Фото/Текст извор: ©тв24/Магазин.мк

Продолжуваат владините разрешувања и именувања на нови директори, в.д. директори и членови на управни одбори на повеќе јавни претпријатија и акционерски друштва во сопственост на Владата.

Согласно предлозите на Комисијата за именувања, Владата на последната седница ја прифати оставката на Борче Хаџиев, досегашен директор на Фондот за осигурување на депозити а за в.д. директор го именуваше Амир Шабани.

Хаџив пак од денеска ќе раководи со Бирото за јавни набавки откако Армир Садики си поднесе оставка на негово барање. 

А Управниот одбор на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување ќе одлучува по предлогот на Владата, досегашната директорка на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска да биде вршителка на должноста директор на ПИОМ, а за нејзин заменик исто така вршител на должност да биде избран Шаип Зенели.

И Орхан Рамадани си поднесе оставка од директорскта фотеља во Фондот за здравствено осигурување а до конечен избор на прв човек на оваа институција а по распишан конкурс, привремено функцијата ќе ја извршува Фатон Ахмети.

А во Управата за финансиска полиција директор останува Арафат Муареми но тој добива свој в.д. заменик во името на  Бесир Деари. Освен оваа институција в.д. заминк директор доби и  Државниот завод за индустриска сопственост. Директорот ќе го заменува Блерим Идризи. 

А откако Ејуп Рустеми, кој премиерот Зоран Заев го најави како иден директор на ЈП „Државни патишта“ си замина од „Македонска пошта“, за најсериозен кандидат на неговото место се споменува името на доскорешниот заменик-министер за екологија, Јани Макрадули.

Уште еден висок функционер на СДСМ ќе добие нова функција. Поранешниот градоначалник на скопската општина Центар, Андреј Жерновски се споменува како нов директор на  Македонски Железници инфраструктура на местото на  Фестим Халили од ДУИ. Освен Жерновски и Сања Лукаревска која денеска поднесе оставка од функцијата пратеник се враќа на старата функција, директорка на Управата за јавни приходи. 

Кандидатите за новите директорски функции до кои разговараше ТВ 24 се воздржуваат од коментар затоа што, како што велат, информациите пласирани во јавноста прво ќе мора и официјално да бидат потврдени.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.