Татко ми патуваше многу. Кога сум се родил, па се’ до 40 дена, тој бил на турнеја.

Објавил: Владо Марин | 1 јануари, 2021 22:38

МАЕСТРО ЏОРЛЕВ: Никогаш нема да ги заборавам моментите поминати во мојата Струмица!

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Зоран Џорлев беше наш познат виолинист, вокален изведувач и професор. Родум од Струмица, низ годините, музичарот со неверојатно вештите раце, полека но сигурно прерасна во симбол на квалитетната современа македонска музика. Денеска Џорлев не напушти засекогаш!

За потеклото на неговиот извонреден талент никогаш немаше сомнежи – тој е син на Наско Џорлев, големиот композитор на народна музика.

Џорлев е роден во Струмица на 10 јануари 1967 година, каде го поминува детството, живеејќи на улицата „Пере Тошев“ во близина на киното, заедно со братот Ристо (Ице) и сестрата Софче.

Зоран Џорлев беше наш познат виолинист, вокален изведувач и професор.

Кога бил првооделенец, со семејството се преселува во Скопје. Уште во раното детство, во Струмица, започнува да свири на труба, хармоника и гитара. Во 1977 година почнува да свири и на виолина, откако претходно во музичкото училиште бил одреден да свири на пијано, зашто „немал предиспозиции за виолина“.

Тимот на порталот Струмица Денес минатата година имаше голема чест да поразговара со познатиот музичар за неговите почетоци, раното детство и патот кон успехот.

Во продолжение, кратко интервју со Зоран Џорлев.

  • Кои се вашите најубави спомени од родната Струмица? Дали по преселувањето, брзо свикнавте на побрзиот начин на живот во главниот град?

Зоран Џорлев: Детството го поминав во Струмица, каде што сум роден во 1967 година. Мојата улица „Пере Тошев 12“, веднаш под киното, ќе ја паметам цел живот. Бев многу палаво дете, најпознат по брзото трчање и најинтересно – штом ќе стигнев дома, пред врата задолжително паѓав и ги “дерев” колената, на кои и денес имам лузни. Често пати кришум бегав од дома, па мајка ми Грозда знаеше да ми облече големи чевли, но и тоа не помагаше да ги реализирам идеите. Инаку, најраните сеќавања ми се врзани за сестра ми Софче и братот Ице. Софче, некоја година постара, имаше заштитнички однос, посебно изразен кога сум јас во прашање. Многу беше интересно – секогаш кога некој не’ задеваше, кога ќе се појавеше Софче, децата трчаа викајќи: „Бегајте, иде сестрата на Ице и Зоки“. Иако беше девојче, постојано не’ бранеше од се’ и сешто. Во тоа време палавштините беа познати кај сите деца во маалото. Игравме „мижничка“, камај , керна и сл… По толку многу случки, сигурен сум дека никогаш нема да ги заборавам другарите од маалата: Мите, Бубе, Мито,Томе, Жан, Донка, Коле, Вангелица, Јанко… Дел од нив се во Струмица, дел по дијаспората….

Најтежок период во безгрижните години на детството беше времето кога се преселивме во Скопје. За Софче и Ице не беше толку страшно бидејќи беа повозрасни, но јас, првоодделенец, се соочив со сосема нова средина, нови другарчиња, друг менталитет….Училишниот џагор беше сосема различен од оној што го имаше на мојата улица „Пере Тошев“…

  • Во кој момент од детството сфативте дека музиката е вашиот животен повик? Колкаво влијание во развојот на вашата љубов кон музиката имаше вашиот татко?

Зоран Џорлев: Во нашата куќа во Струмица продефилираа безброј музичари и пејачи. Татко ми Наско држеше секојдневни проби, особено пред да замине на некоја турнеја, и сакал- нејќел, во мене се всади музиката, посебно македонската народна, која татко ми цел живот ја работеше и промовираше. Во центарот на градот постоеше книжарница што ја водеше чичко Јосиф, другарот на тато, и во неа често пати со голем восхит свирев на труба, хармоника, гитара…

Татко ми патуваше многу. Кога сум се родил, па се’ до 40 дена, тој бил на турнеја. Подоцна почнав да свирам со него за да сме заедно што повеќе време, да биде до мене. Животот на слободен уметник беше многу тежок за тато…Тој е мојот учител и секако да не бил тој, сигурно не би го постигнал ова денес што го постигнав.

  • Во јавноста е позната приказната за наставникот кој ќе ви каже дека немате талент за свирење виолина, а денес, скромно кажано, вие сте најпознатиот виолинист во државата. Какво беше чувството да се прими таков коментар, пред се’ од педагог и од личност која треба да ве поддржува во она што го правите? Беше ли демотивирачко?

Зоран Џорлев: Желбата за свирење виолина се појави подоцна, поточно во 73. година кога се преселивме во Скопје, но стана реалност дури во 1977, бидејќи претходно, по преслушувањето во музичкото училиште во Скопје, бев одреден да свирам пијано, затоа што „сум немал предиспозиции, поточно прсти за виолина“…Напротив, тоа ми даде уште поголем мотив да не се откажам од сонот и да го живеам сонот….Тоа ми е водилка да ги мотивирам уште повеќе моите ученици.

  • Што би им порачале на сите оние млади ентузијасти, кои сакаат да се занимаваат со музика? Дали дипломираните музичари можат да го „извадат“ лебот во нашата татковина?

Зоран Џорлев: Најбитно е да ја сакаат музиката со сета своја душа, и со страст. Да размислуваат во духот на уметноста а не во духот на заработувачката. Многумина велат дека поуспешни се оние кои имаат талент, но јас велам дека талентот е ништо без многу труд и умна и чесна работа. Сеуште имам верба дека допрва доаѓаат генерации кои ќе направат многу повеќе од нас.

Музиката ни е душевна храна во секојдневието, најубавата порака која допира до секого. Замислете како би изгледал еден ден без музика, еден филм без музика, една забава без музика… Музиката е присутна во нас дури и тогаш кога не ја слушаме.

За жал, тешко. Како и во други професии, треба да работат и хонорарно на повеќе места како би го заработиле нешто повеќе. Најверојатно треба да се обмисли една подобра стратегија што ќе отвори можност за повеќе работа, за сите. Во таа насока се и моите залагања, со промовирање пред се на македонската музика, со работа на проекти во кои се вклучени млади луѓе… но, тоа е само еден аспект, мислам, недоволен, за подобра слика треба повеќе залагања.

Сепак сум ентузијаст како што кажав и претходно, доаѓаат нови генерации во кои ја гледам подобрата иднина на Македонија не само во музиката туку и пошироко.

Повеќе од интервјуто можете да прочитате ОВДЕ

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Интервју

„Има документи, согласности, уснени согласности, телефонски разговори, за секој пациент докторите се должни да ги информираат. Ние први воведовме видеоконференција

Жан Митрев: Не се плашам од обвинение, ќе се докажувам и 100 години ако треба – никогаш не сум рекол дека хемофилтрацијата е лек

Неговиот вечерашен јавен настап во кој се бранеше од наводите во документарниот филм...

Зошто никој не зборува за германскиот предлог во времето на владата на Меркел, од нивното претседателство, каде исчезна тој?

Имам информации дека владата на Ковачевски го прифатила предлогот од Париз

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вчерашното гостување во емисијата...

„Јас не се занимавам со економијата на семејството, колку пари кружеле… Добро е, дојдете еден ден кај мене дома, зборувајте со мојата сопруга“, рече Ахмети.

Ахмети не знае колку чини маслото за јадење: Зборувајте со сопругата, не се занимавам со економијата на семејството

Лидерот на ДУИ Али Ахмети во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ21кажа дека...

Вели дека е подготвен во секој момент да седне на маса и да разговара за сите теми со Ковачевски, но на тие средби ќе мора да се разговара и за предвремени ибори.

Мицкоски: Немам намера никого да уценувам, подготвен сум во секој момент да седнам на маса

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврди дека блокадата на Собранието не е начин...