Алармира синдикатот

Објавил: Калина Мартинска | 5 април, 2024 21:13

Работниците трпат притисок да ракоплескаат на митинзи

Фото/Текст извор: ©alfa.mk

Синдикален аларм за притисок врз работници да присуствуваат на партиски митинзи.

Конфедерацијата на синдикални организации предупредува дека политички партии вршат притисок врз работниците да одат на митинзите за време на изборната кампања за претседателските и парламентарните избори.

Бараат притисокот да запре и да се остават работниците сами и доброволно да проценат за кого ќе го дадат својот глас и поддршка. Доколку праксата продолжи, го повикаа членството да го пријават случајот кој тие во нивно име ќе го објават јавно.

„До нас стигнуваат реакции од граѓаните каде што буквално да не кажам се приморани да одат по одредени митинзи, на одредени патувања, меѓутоа еве ние како синдикат оставаме доброволно работникот да си пресече. Апелираме да ги остават работниците, они нека си ја презентираат нивната програма, еве ние сме спремни ако некоја политичка партија мисли дека да преговара со синдикатот овие барања да ги испостави, ние сме спремни да разговараме, а работниците да си одлучат по своја волја и еве апел до нив да пријавуваат кај нас во синдикат, ние без пардон таа институција тој раководител кој ќе врши притисок да се оди на митинзи, ние јавно ќе ги објавуваме“, рече претседателот на КСОМ, Марјан Ристески.

Која и да биде новата Влада од Kонфедерацијата на синдикати ќе бараат да се донесе нов закон за работни односи. Дополнително и минималната плата да биде поголема или иста со околните држави, во спротивно, како што велат и оние малку работници што останаа во државава ќе ја напуштат.

Елизабета Тошевска, која е претседател на синдикалната организација на СПАЈС во ЈСП Скопје, re;e дека во периодот од две години, работниците се јавуваат со голем број проблеми.

Како клучни во ЈСП Скопје ги посочи нередовната исплата на личниот доход, неусогласувањето на личниот доход со колективниот договор и со минималната плата на ниво на работодавач, неисплатата на прекувремена работа и лошите услови за возачкиот персонал.

„Неисплатената прекувремена работа, никакви услови надвор за возачкиот персонал и многу други работи“, рече Елизабета Тошевска.

Инаку на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија – КСОМ денеска и се приклучи Синдикатот на приватен, административен и јавен сектор – СПАЈС, во кој членуваат синдикални организации од рударството и синдикати од јавните претпријатија во локалната самоуправа. Договорот за приклучување го потпишаа претседателот на КСОМ Марјан Ристески и претседателот на СПАЈС Јовица Јовановски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.