Судска одлука

Објавил: Калина Мартинска | 10 април, 2024 17:21

Двајца руски милијардери ја победија ЕУ, ќе мора да им ги укине санкциите

Фото/Текст извор: ©a1on.mk

Судот на Европската унија денеска одлучи дека е неопходно да се отстранат руските милијардери Михаил Фридман и Петр Авен од списокот на лица под санкции на ЕУ поради руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

„Општиот суд смета дека ниту една од наведените причини не е доволно поткрепена со докази и затоа не е оправдано г-дин Авен и г. Фридман да бидат на споменатите списоци“, објави судот со седиште во Луксембург.

Парите и имотот на Авен и Фридман беа замрзнати откако Европскиот совет воведе санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина. И двајцата се главни акционери на конгломератот Алфа Груп, кој ја вклучува големата руска приватна банка Алфа банка и најголемиот синџир за малопродажба на храна X5.

Судот пресуди дека милијардерите не требало да бидат на таа листа од февруари 2022 година до март 2023 година.

Судот објасни дека Советот можеби имал основа да заклучи дека тие се тесно поврзани со рускиот претседател Владимир Путин, но тоа не докажува дека тие поддржувале акции или политики против Украина или дека финансиски ги поддржувале руските носителите на одлуки.

ЕУ досега воведе 13 пакет-санкции против Русија поради инвазијата на Украина

Последниот пакет санкции против Русија, земјите членки на ЕУ го донесоа годинава во февруари.

Тогаш, претставниците на 27 земји од ЕУ во Брисел постигнале договор за значително проширување на листата на лица и институции чиј имот во Европа ќе биде замрзнат. Санкционирани ќе бидат и натамошни претпријатија кои можат да придонесат за воено и технолошко зајакнување на Русија, односно за развој на нејзиниот одбранбен сектор. Ним ЕУ нема да смее веќе да им продава стоки и технологија која Русија би ја користела во војната против Украина.

Новиот пакет санкции не содржи нови економски секторски забрани за увоз, нагласи на платформата Х претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, но со него е проширена листата на санкции на ЕУ со речиси 200 нови организации и приватни лица.

Санкционирачкиот пакет треба да биде формално потврден до сабота, до двегодишнината од руската инвазија врз Украина. На 24 февруари 2022 Русија изврши напад врз Украина и оттогаш држи под своја окупација големи делови на исток и на југ во соседната земја.

Во земјите-членки на Европската унија со месеци се водат дебати околу ефикасноста на постепено заоструваните санкции. Посебно тие воведени во економската област требаше да предизвикаат рез во државните примања на Русија, но во големи размери постојат патишта по кои Русија нив ги заобиколува, на пример засилено им ги продава својата нафта и гас на Индија и на Кина. Одредени руски производи, како уранот се изземени од листата на европски и американски санкции, со оглед на тоа што земји како Франција или САД се зависни од овој увоз. Дијамантите од Русија дури неодамна се најдоа на листата на забранети стоки за увоз. Членките на ЕУ неодамна се договорија каматите на руските пари и имот кои се замрзнати во Европа, да можат да се користат за Украина.

Според Европската комисија, станува збор за повеќе од 210 милијарди евра од Руската централна банка, беше известено тогаш.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.