Судијката Кацарска одлучи загрозениот сведок С1 да го сослуша пред обвинетите, но и пред претставници на ОБСЕ и дипломат од амбасадата на САД во Македонија

Објавил: Мартин Попоски | 16 октомври, 2018 11:52

Кацарска ја исклучи јавноста од сведочењето на загрозениот сведок за “27 април”

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Со цел заштита на загрозениот сведок С1 и неговиот идентитет претседателот на судечкиот совет Добрила Кацарска ја исклучи јавноста од денешното рочиште за настаните во Собранието на 27 април.

Судиката Кацарска на денешното рочиште дозволи присуство само на ОБСЕ и претставник од Амбасадата на САД.

Заради заштита на безбедноста на сведокот поради постоење опасност да се открие неговиот идентитет, согласно со членот 354 од ЗКП се исклучува јавноста од сведочењето. Присутни на рочиштето можат да бидам само претставници од ОБСЕ и претставници од Амбасадата на САД. – рече судијката Кацарска.

Пред почетокот на рочиштето судот го прифати барањето на Јавното обвинителство за посебен начин на испитување на загрозениот сведок, како и барањето на одбраната  да се овозможи пауза по директното сослушувње од Јавното обвинителство за подобра подготовка на одбраната за вкрстено испрашување на сведокот.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Меѓу обвинетите за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста се: поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков, пратениците Љупчо Димовски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, како и предводниците на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Владо Јовановски, Игор Дурловски.

Обвинети се и: Горан Ѓошевски – Леви, личното обезбедување на тогашниот претседавач на Собранието, Трајко Вељановски, разрешениот ексначалник во МВР Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, вработен во Агенцијата за разузнавање, собранискиот обезбедувач Абдулфета Аљими, Јане Ченто, претседателот на патриотското здружение „Пере Тошев“ од Прилеп, началниците во МВР – Душко Лазаров и Митко Пешов, Горанче Ангеловски – Ќосето, Александар Василевски – Нинџа, Митре Питроповски.

Судијката Добрила Кацарска, која постапува по предметот, закажа уште 50-ина рочишта до крајот на јануари 2019 година.

По сослушувањето на загрозениот сведок ЕС1, на следните рочишта ќе бидат изведени доказите, меѓу кои се и снимките што ги обезбедило Обвинителството што го застапува предметот.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.