Главниот актер во власта кој се залага за предвремени избори е министерката Радмила Шеќеринска

Објавил: Данаил Михајловски | 21 јануари, 2019 14:36

ВМРО е за, ДУИ е против, а СДСМ размислува!

Фото/Текст извор: ©магазин

Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени парламентарни избори. Заев се фали дека лесно би победил на такви избори, но за државата не биле сега потребни. Министрите Дескоска и Манчевски, кои се дел од крилото на Шеќеринска, потврдуваат дека во водечката партија во власта сепак се размислува за пролетни парламентарни избори, заедно со претседателските.

Во власта има и такви кои предвремените избори ги гледаат и како ризик за нивните позиции. Таков е примерот на вице-премиерот Кочо Анѓушев и министерот Тевдовски, кои без разлика дали СДСМ би победила или би изгубила на едни такви избори, тие веројатно веќе нема да бидат дел од владата, бидејќи немаат добри резултати во нивната сегашна работа, а немаат ниту силна база кај членството. Ваквите функционери најчесто даваат изјави дека предвремените избори би и наштетиле на економијата и на реформите, но овој аргумент е неиздржан бидејќи и самите претседателски избори по себе ќе одземат време и ќе ја забават работата и на владата и на многу други институции. Уште повеќе, Анѓушев и Тевдовски веројатно од неискуство, не се ни свесни колку негативен ефект може да имаат неуспешни претседателски избори, без цензус во вториот круг, што после би создало потреба од повторубање на тие избори или нови измени на Уставот за избор на претседател во Собранието. Која и да е, овие опции би одзеле уште 3-4 месеци преговори, напнатост, криза и политичка поларизација, што многу негативно би се одразило на стопанството, реформите и политичката (не)стабилност во државата. 

За разлика од нив, блиската другарка на Шеќеринска, министерката Дескоска, смета дека предвремените парламентарни избори можата да бидат решение, а не проблем. „Јас искрено мислам дека треба да има, но тоа е прашање на крај на политичка одлука и анализа во рамките на органите, но јас ќе ја застапувам страната дека треба да се оди на парламентарни избори, заради тоа што одредени политики коишто реално ги промовиравме во изминатиот период, би било добро да бидеме со, на некој начин, почисти позиции во рамки на парламентот“, вели Рената Дескоска. 

Министерската за правда Рената дескоска важи за кадар на Радмила Шеќеринска и во рамките на дебатата внатре во СДСМ ќе се залага за двојни избори во Април, предвремени парламентарни, заедно со претседателските.

Истовремено, мора да се напомене дека ДУИ е изричито против предвремени избори. Иако има само 10 пратеници во Собранието, сепак заради тоа што СДСМ нема апсолутно мнозинство, ДУИ во моментов има многу влијателна позиција во владата и од оваа партија зависи опстојувањето на владата на Заев. Затоа не е ни чудно што против ниту еден поранешен, ниту актуелен функционер на ДУИ нема озбилни судски случаи, и секој активист на ДУИ, за една или друга незаконитост, на крајот е заштитен со политичка неказнивост. Дури и најавениот случај на СЈО против вице-премиерот Бујар Османи за сторен криминал, гледаме дека се заташкува и сеуште не стасал до судските институции.

Од извори на ДУИ дознаваме дека од оваа партија би се согласиле да има предвремени избори само под услов после тие избори да се состави широка коалициона влада, која би ги спровела уставните измени, а истовремено би го затворила и процесот на помирување на елегантен судски начин, без партиски реваншизам. Претседателот на ДУИ на оваа тема разговарал и со Заев, но и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Каква ќе биде конечната одлука на Заев, кој ќе треба да пресече, ќе се знае кон крајот на овој месец.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.