Откако беше објавена веста за зголемувањето на цената на гирото, се огласи претседателот на Комората на трговци од Атина

Објавил: Катерина Крстиќ | 18 април, 2019 19:15

Од 1 мај драстично се зголемува цената на гирото во Грција

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Од 1ви мај гирото во Грција се очекува да биде поскапо за 10 до 15 проценти. Ваквата одлука наводно е донесена поради поскапувањето на месото па се предвидува гирото да достигне цена до три евра, објави грчката телевизија „Скај“.

Откако беше објавена веста за зголемувањето на цената на гирото, се огласи претседателот на Комората на трговци од Атина, кој повика на дијалог со цел цените да останат исти. Дописничката на МИА, во разговор со сопственици на таверни кои служат гиро информираше дека тие ја потврдуваат информацијата за покачувањето.

– За жал ќе мора да ја зголемиме цената, веројатно тоа ќе биде од 1 мај. Ако сега гирото чини 2,10 евра, тогаш цената ќе биде 2,20 или 2,30 евра, вели сопственичка на продавница за гиро. Слушнавме за покачувањето на цената, меѓутоа ние, за почеток нема да направиме промени. Цената ќе остане иста, иако месото е поскапо, вели за МИА сопственик на таверна.

Гирото до сега се продаваше по цена од 1 евро до евро ипол по туристичките места но се очекува да достигне цена и до 3 евра.

Дописничката на МИА постави прашање до сопствениците, дали тоа им оди во прилог во однос на профитот, а сопственикот вели дека генерално, гирото за носење не носи воопшто профит, но немаат друг избор, бидејќи сакаат да им излезат во пресрет на граѓаните.

– Тоа е како домино. Поскапо месо, поскапо гиро. Што да правиме. Не можеме ние да ја покриеме разликата. Со зголемувањето на ДДВ пред некоја година, не ги покачивме цените. Решивме, да ја покриеме ние како таверна. Но, сега ќе мора да се направат промени. Секако, поскапувањето нема да биде големо, 10, 20 или 30 центи не се многу. Поважен ни е квалитетот, вели сопственичка на таверна во разговор со дописничката на МИА од Атина.

Инаку сопствениците на таверните и рестораните за грчката телевизија „Скај“ велат дека цената на месото од 1 март е зголемена за 30 отсто.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.