Според порталот мкд.мк

Објавил: Узунов Бобан | 10 јуни, 2019 10:27

Македонија им дава државјанства на ѓуленисти кои работат против Ердоган ?

Фото/Текст извор: ©магазин

Скопје во однос на барањето на Анкара за екстрадиција на петнаесетина членови на ФЕТО кои живеат и работат во Македонија е во менгеме. Турција иако тоа не го поставува како услов за нивното усвојување на протоколот за членството на Македонија во НАТО, сепак не забораваат да кажат дека борбата на Македонија против терористичката организација ФЕТО е многу значајна за нив.

Од друга страна е Вашингтон кој дава отворена поддршка на Фетула Ѓулен, основачот на организацијата ФЕТО.

Во Македонија, прашањето за структурите кои се сметаат за блиски до Фетула Ѓулен, свештеникот противник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, се отвори пред три години, по неуспешниот обид за пуч во Турција. Тогаш турската агенција Анадолија објави список со фирми кои се сметаат за блиски до Ѓулен. Тие тогаш пишуваа дека во земјава имало училишта, фирми, туристички агенции… поддржувачи  На листата на турската влада тогаш беа основните и средните училишта „Јахја Кемал”, неделникот „Заман Македонија“, организацијата „Седеф“, агенцијата „Башак“…

И тогаш и сега Турција на Македонија ѝ предаде список со имиња кои наводно биле припадници на, за нив терористичката организација ФЕТО. Најголемиот дел од тој список беа наставници и професори во приватното училиште „Јахја Кемал“. И тогаш и сега македонските власти некако успеваат да се справат со овој проблем со пријателска Турција.

Како што дознава МКД.мк, МВР овие денови ја почна процедурата за давање државјанства на дел од личностите од тој список. На прашањето на МКД.мк, од МВР ниту ја потврдија, ниту пак ја демантираа оваа информација.

Министерот за одбрана на Турција Хулуси Акар при неговата посета во април годинава, рече дека имале и „имиња на некои од поглавните лица“ кои ги споделиле меѓу институциите и дека е убеден оти „во наредните денови институциите во Северна Македонија ќе преземат конкретни мерки“.

Засега конкретни мерки нема. Македонија бара да се почитуваат процедурите според меѓународните конвенции. Официјалната позиција на Скопје е дека оној момент кога Анкара  ќе понуди конкретни докази за нивната терористичка активност и дека против нив се отворени судски постапки, само во тој случај македонските власти би ја почнале процедурата за екстрадиција на тие лица од списокот – 15 или 24 на број.

Минатиот месец амбасадорот Фарук Кајмакџи, заменик-министер за надворешни работи на Република Турција, изјави дека нема никаква пречка или проблем, дека Македонија може да биде спокојна во однос на поддршката на неговата земја на членството на земјава во  НАТО. Тој најави дека Турција наскоро ќе го ратификува Протоколот за полноправно членство.

Сепак, Кајмакџи не заборави да додаде. „Како претставник на Турција, пријател на земјата велам дека борбата на Северна Македонија против терористичката организација ФЕТО е многу значајна од аспект на Турција, а е многу значајна и за иднината на Северна Македонија“, изјави амбасадорот и потсети дека сите братски и пријателски земји на Балканот, на чело со Северна Македонија треба да преземат одлучни чекори во борбата против сите терористички организации, особено против ФЕТО. Тоа, посочи Кајмакџи, ќе биде значаен показател за нашето пријателство.


Сепак петнаесетте ѓуленисти, поддржувачи на Фетула Ѓулен, кои слободно живеат и работат во Македонија и натаму се отворено прашање околу кое Македонија и Турција имаат сосема спротивставени позиции. Во Македонија евидентни се и врските на владеачката партија ДУИ со претставници на организацијата ФЕТО. Истото е и во Албанија. Очигледно е дека јакнењето на позицијата на ФЕТО е во интерес на двете земји, и Македонија и Албанија. Не случајно голем е бројот на децата на функционерите на ДУИ кои учат во училиштата на „Јахја Кемал“.


Сепак, Турција очигледно својата поддршка на Македонија за членство во НАТО нема да ја услови со екстрадицијата на ѓуленистите. Едноставно, голем е залогот во однос на релацијата со Вашингтон. Тешко е да се поверува дека Ердоган ќе се спротивстави на интересите на Вашингтон во однос на членството на Македонија во НАТО. Исто е и на другата страна. Ако Скопје преземе каква било акција против припадниците на ФЕТО, тоа ќе значи проблеми во односите со Вашингтон. По членството на Македонија во НАТО, односите меѓу Скопје и Анкара ќе бидат на порамноправна основа.

Засега, сите засегнати страни остануваат на своите позиции и се обидуваат колку што можат повеќе овој проблем да го стават под ќилим, да изјавуваат дека „терористите од ФЕТО го саботираат пријателството меѓу двете земји“, а тоа пријателство си продолжува да функционира.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести