Зошто МАНУ нема официјален став како највисока академиска инситутиција по однос на идентитетските прашања во врска со Преспанскиот Договор и преговорите со Бугарија за историските прашања ?

Објавил: Узунов Бобан | 26 јули, 2019 14:04

Додека претседателот на МАНУ е без став, дел од членовите порачуваат: Поимот Македонија не смее да се сведе на географски поим

Фото/Текст извор: ©магазин

Членови на МАНУ денеска преку соопштение ги изнесоа своите ставови во врска со, како што наведуваат, некои проблематични толкувања на македонската културна историја од официјални претставници на државата кои произлегоа од договорите потпишани со соседните земји. 

Таки Фити е македонски академик, политичар и економист и од 2016 година  е назначен и за претседател на МАНУ.  Во Владата на Бранко Црвенковски како кадар од СДСМ бил и министер за финансии во периодот 1996 година до 1998 година.  Од 2005 година до 2006 година бил и советник на Претседателот на Македонија Бранко Црвенковски. Молкот на првиот човек на МАНУ во врска со актуелните случувања на ревизијата на македонскиот идентитет многумина го поврзуваат со ангажманот на неговата ќерка Нина Фити која од страна на владата е испратена да работи на високо платена позиција во Светска банка во Вашингтон како претставник на Република Македонија. 

– На иницијатива на Одделението за лингвистика и литературна наука при МАНУ, ние, долу потпишаните членови на МАНУ, го искажуваме јавно нашето несогласување со начинот на којшто, изминативе неколку месеци, се толкува македонската национална и културна историја од официјални претставници и инстанции на нашата држава, начин кој, имплицитно или експлицитно, го проблематизира, па и негира, македонскиот идентитет.

Во оваа прилика ќе укажеме само на некои аспекти од серијата конфузни и штетни толкувања кои произлегоа од договорите потпишани со соседните држави: Последниве две години сме сведоци на софистицирани стратегии на ревизија на македонскиот идентитет и негирање на правото на македонскиот народ на голем дел од античкото историско културно наследство (со Преспанскиот Договор од 18 јуни 2018). Постојат индиции дека со Договорот со Бугарија се актуализира негацијата на правото на македонскиот народ на средновековната и нововековната историја. Како резултат на таквите политики, македонската историја официјално би започнала дури од 1945 година.

Македонскиот идентитет е богат, тој не се исцрпува со овие историски личности, но никој нема право да ја негира нивната историска улога во повеќевековната борба за конституирање на автономна македонска држава. Чувствителноста спрема историската фактографија главно произлегува од политичките концепти, но се рефлектира и врз научните, особено кога инсистира врз политичка коректност.

Поимот Македонија не смее да се сведе на географски поим. Таквиот пристап автоматски повлекува негација на македонскиот национален идентитет и ја имплицира опасната теза дека македонскиот идентитет е политички конструиран по Втората светска војна. Секој етно-културен идентитет се развива историски и се легитимира со државни институции. Систематското осуетување на македонската државна автономија во 19 век не е знак за неоформен македонски идентитет, туку последица на регионални, балкански и пошироки европски геополитички интереси.

Таквиот пристап не е европска вредност. Европската цивилизација почитува, а не негира идентитети, подразбира плуралност и инклузивност во толкувањето на историјата, а не негација и присвојување на туѓата историја. Неопходно е да се почитуваат научно легитимните методи на толкување на споделените историски настани и на историските факти во рамки на дадените историски околности, со цел да се избегне ексклузивниот однос спрема историјата, однос кој резултира со екстензивно и нетолерантно присвојување историјата.

Нема сомнение дека историјата на целиот балкански регион и на сите соседни народи, вклучително и на македонскиот, бугарскиот, грчкиот и српскиот, имаат допирни точки и споделуваат одредени историски настани, места и личности. Токму тој факт налага инклузивен пристап во толкувањето на историските факти и извори. Од тоа произлегува потребата да се отфрли ексклузивниот пристап во толкувањето на историјата, пристап кој генерира негација на веќе оформените и легитимни етнокултурни и национални идентитети.

Чествувањето на заедничките или споделени настани и личности треба да биде симболична потврда на тој инклузивен и плурален пристап спрема наследеното културно наследство и знак на заемна почит спрема колективната меморија на двата народа.

Ќе укажеме, за илустрација, на членот 8 од „Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија“, кој предвидува поттикнување на „активна и непречена соработка во областа на културата, образованието, здравството, социјалната грижа и спортот“ и формирање „Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани…“, како и организирање „заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности.“

Од овој член, имено, произлегува дека е неопходно двете држави да ја развиваат непречено научно-истражувачката дејност во областа на историјата, заснована врз фактографија и научно толкување на историските настани. При тоа, научната расправа околу националната и културната историја на Македонците и на Бугарите треба да се води непристрасно и независно од владејачките политички платформи, а не под нивно влијание.

Во таа смисла, функцијата на билатералната македонско-бугарска Комисија не се состои во тоа да ги затвори, во експресен рок, отворените прашања, ниту да биде политички коректна алатка на актуелната власт во двете држави. Политичките матрици во двете држави се менувале радикално во текот на 20-от век, па Комисијата нема мандат да настапува селективно и прагматично-политички спрема тие матрици, ниту да прави ревизија на востановениот идентитетски наратив на македонскиот народ. И Цар Самоил, и Гоце Делчев, како и многу други историски личности кои живееле во специфични општествени констелации се неотуѓив дел од македонската колективна меморија и од македонскиот државотворен наратив.

Ставовите на оваа Комисија треба да бидат засновани врз мултидисциплинарни научни експертизи, што значи дека треба да се создадат услови за долгорочни и специјализирани научноистражувачки дијалози. Само на тој начин ќе се избегнат погрешните, нерамноправни и конфликтни интерпретации и „пазарења“ на сложените историски процеси. Само така ќе биде исполнета главната цел на Договорот меѓу Македонија и Бугарија – градење добрососедски односи и унапредување на соработката заради подобра иднина“, се наведува во соопштението потпишано од академиците: Катица Ќулавкова, Витомир Митевски, Зузана Тополињска, Ѓорги Поп Атанасов, Вера Битракова Грозданова, Ратко Јанев, како и од дописните членови на Академијата Марјан Марковиќ, Сашко Кедев и Александар Димовски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести