Без разлика дали ќе се постигне политички договор – Референдум ќе има - но како?

Објавил: Мирко Бачиќ | 26 јули, 2018 10:52

На 30-ти јули ќе се распише Референдумот за промена на името

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Политичките партии иако не постигнаа политички Договор за двете прашања за кои првично Заев ја свика лидерската средба – видот на Референдумот и содржината на референдумското прашање – сепак СДСМ и ДУИ се подготвени овие одлуки да ги гласаат во Собранието на Република Македонија понеделник 30-ти јули.

Талат Џафери по синоќешната седница на која беа изгласани политичките Одлуки за Измени во Законот за Влада како и Законот за финансирање на политичките партии по што беше избран и привремениот состав на Државната изборна комисија кажа дека ова е начинот на кој се работи. Партиите се договараат – договореното го ставаат на хартија како правен документ и истото го гласаат.

Само заборави дека самиот не беше избран на тој “законски” начин.

Ќе остане ли Џафери достоен на кажаното и ќе дозволи на 30-ти јули – според потпретседателот на парламентот Мисовски да се гласа закажување на Референдум за Договорот со Грција – иако логично тоа е Договор за промена на името на Република Македонија. Како тогаш парламентарното мнозинство на Заев ќе гласа за Референдум кога не се знае прашањето и дали неговите резултати ќе делуваат правно обврзувачки врз законодавната и извршната власт.

Потпишување на Договорот со Грција т.е. Договор за промена на името во село Нивици – Преспа. Од лево кон десно: Никола Димитров – Зоран Заев – Алексис Ципрас – Никос Коѕијас.

Најавено е само дека Референдумот ќе се закаже на 30-ти јули за да се одржи на 30-ти септември 2018 година но и дека со или без ВМРО – ДПМНЕ Одлуката ќе биде донесена и Референдумот ќе се одржи иако сите знаат дека без поддршка на ВМРО – ДПМНЕ нема шанси да се исполни цензусот за излезеност на електоратот.

Воедно спорна е и содржината на прашањето – особено откако предлозите на Заев јавност ги оцени како конфузни и сложени при што давајќи одговор на еден дел од прашањето лесно може да се изостави крајната содржина на другиот дел по што ќе имаме Одлука на граѓаните за која не гласале.

Искрено прашање би било: “Дали сте за промена на името на Република Македонија во Република Северна Македонија”.

Заев најави дека ако на Референдум не излезат 50% плус 1 гласач тогаш законодавниот дом сам ќе ги гласа измените на Уставот кои ги бара имплементирањето на Договорот со Грција. За нив му требаат 81 пратенички глас во поддршка или 2/3 мнозинство кое во моментов го нема – иако постојано говори дека кога ќе е потребно ќе го обезбеди и ќе го имплементира во целост договореното со Грција затоа што приоритети за Македонија на оваа власт биле НАТО и ЕУ заборавајќи дека Македонија согласно Договорот никогаш нема да има НАТО и ЕУ интеграции – Република Северна Македонија – можеби.

Македонија и во самиот документ од Договорот со Грција е наведена како “безимена” што е квази дипломатски речник за “земјата која нема име – но не смее да се нарекува Македонија” и тоа и Заев и Османи и Димитров мора да го признаат како пораз а не врв во политичката кариера.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.