Анѓушев и Локвенец се откажаа од грантовите - снаата на Цвета Ласкова си ги сака 330-те илјади евра

Објавил: Мирко Бачиќ | 10 август, 2018 8:57

Денес ќе се знае кој се добил грант од Фондот за иновации

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Денес ќе се знае дали уште некоја фирма блиска до владини функционери се протнала меѓу 80-те компании кои добија грантови од Фондот за иновации.

Завршува рокот од 15 дена во кој сите фирми требаше да достават изјава дали во нивната сопственичката структура има функционери или нивни блиски роднини.

По скандалот кој предизвика бура од реакции во јавноста фирмите “Кастинвест” и “Гинис” кои се во партнерски релации со вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратеникот на СДСМ Хари Локвенец се откажаа од грантовите тешки по 160.000 евра.

Но снаата на Цвета Ласкова советничката за култура на премиерот Заев која доби 330.000 евра за проект под називот “Декодирај ме” не се откажала.

“На почетокот на следната недела ќе излеземе со прецизна бројка колку од тие 77 компании доставиле и колку од нив во самите пријави потврдиле дека има во својата сопственичка структура носител на една функција или негово потесно семејство. Јас како директор ќе побарам од комитетот за одобрување на инвестиции повторно да се разгледа.” – вели Јован Деспотовски – директор на Фонд за иновации

Деспотовски тврди дека и покрај истрагата “чистите” фирми на време ќе си ги добијат парите – откако ќе потпишат договори.

“Очекувам дека ќе бидеме во можност да ги потпишеме договорите до крајот на месец август и да ги реализираме првите исплати. По потпишување на договор се префрла одреден износ на средства кој не е поголем од 10 до 15 проценти. Во текот на реализацијата на еден проект имаме 4 до 6 пати контрола од страна на  Фондот за тоа како се трошат средствата.” – вели Деспотовски.

Директорот на Фондот за иновации тврди дека ги предале сите документи кои ги побарало Обвинителството и дека не бил повикан на информативен разговор.

Обвинителството пак не открива детали дали имало злоупотреби при распределбата на државните пари. Нема ниту детали дали некој од функционерите бил повикан на распит.

“Во тек е предистражна постапка во која се преземаат сите неопходни дејствија за утврдување на факти во предметот. Согласно закон дејствијата во предистражна постапка се тајна и во моментов не сме во можност да споделиме детали.” – велат од Обвинителството.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.