Османи со 40 претставници од Македонија во четврток на скрининг во Брисел, Македонија има 33 поглавја и ќе се ангажираат 1.000 луѓе за евентуален влез во ЕУ во 2050 година

Објавил: Мирко Бачиќ | 23 септември, 2018 14:01

Кога и ако влеземе во ЕУ, Османи ќе има 90 години?

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Преговорите со Европската Унија може да започнат само откако ќе се реализираат забелешките по приложените поглавја. Ние имаме 33 а во проширувањето на Унијата сме предвидени по 2050 година.

Имено ова е досега најголема делегација од над 40 претставници во четврток, главниот политички преговарач Бујар Османи заминува во Брисел. Европската комисија ќе го презентира првото поглавје од преговорите за правосудство и фундаментални права, поглавјето 23, со што и формално почнува скрининг процесот како подготовка за почеток на преговорите за полноправно членство во  Европската унија.

“На крајот на следната недела, почнувајќи од четврток, 27 септември, ќе ја предводам најголемата владино- државна делегација, дел од преговарачката структура и нивната административна поддршка во Брисел, директно во Европската комисија каде што го започнуваме таканаречениот објаснувачки скрининг, и каде од страна на Европската комисија ќе биде презентирано првото поглавје од преговорите. Ова претставува исклучителни важен настан, односно пресвртна точка со која Република Македонија и формално го започнува последниот дел од патот за полноправно членство во Унијата.” – рече Османи.

Делегацијата ќе брои преку 40 претставници на преговарачката структура. Османи вели дека тоа се поединци кои доаѓаат најмногу од правосудниот и безбедносниот сегмент, претставници од Министерството за правда придружувани од министерката Рената Дескоска, но и од други ресори.

Вицепремиерот Османи најави дека на оваа посета се отвора првото од вкупно 33 поглавја кои што ќе следат само во првата фаза, во фазата на објаснувачкиот скрининг, што значи дека ќе има 33 големи делегации кои што ќе го посетат Брисел. Во објаснувачкиот скрининг предвидено е да учествуваат над 1000 луѓе, со што ќе се направи подготовка за втората фаза, билатералниот скрининг која пак, според вицепремиерот е уште пообемен и покомплексен процес.

Поради потребата сите да се вклучат во преговарачкиот процес, вицепремиерот Османи соопшти дека Владата распишува оглас на кој може да се пријават сите заинтересирани кои можат да помогнат во преговарачкиот процес.

“Ќе ни биде потребна севкупната експертиза во Македонија. Експертиза која може да дојде од академската заедница, граѓанскиот сектор како и секој сегмент од заинтересираната јавност. За таа цел денес објавуваме јавен повик за вклучување на секој заинтересиран, секој оној кој смета дека може да придонесе во оваа фаза, секој оној кој ќе се чувствува повикан да биде дел од преговарачкиот процес, соодветно да се пријави и да стане дел од нашиот регистар или база на податоци за надворешни експерти, кои може да бидат повикани во процесот на скрининг и преговори.” – рече вицепремиерот Османи.

Бујар Османи, кога ќе заврши комплетниот скрининг по сите 33 поглавја, и кога Македонија можеби официјално ќе стане членка на Европската Унија, ќе има 90 години.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести