Кога стапи на должност како министер за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека повеќе никој нема никого неовластено да прислушкува

Објавил: Данаил Михајловски | 28 декември, 2018 13:38

Скандал: УБК го прислушкува Претседателот!

Фото/Текст извор: ©магазин

Претседателот Иванов во годишното обраќање пред Собранието истакна дека е нелегално сниман и прислушкуван, а следени се и неговата сопруга и син, како и членови на неговиот кабинет. Ова е прв пат еден Претседател на независна Македонија, од 1991-ва до денес, јавно да информира дека е неовластено прислушкуван од страна на УБК.

„Сакам да ја запознам целата македонска јавност за една многу важна работа. Постојано ми стигнуваат информации дека врз основа на усна наредба, и повторувам, усна наредба, се врши следење, снимање и прислушкување на претседателот на државата, на членовите на неговото семејство и членовите на неговиот кабинет. А тоа е само индикатор дека се менуваат системи, називи, влади, министри и директори, но, по сè изгледа, УДБА си останува УДБА со удбашки методи“, изјави претседателот Иванов. Инаку УДБА е синоним за тајната полиција уште од југословенско време, позната по своите недемократски методи, уцени, наместени судски процеси, па и ликвидации кон политичките неистомисленици.

Тој рече дека Управата за безбедност и контраразузнавање е жариште на политички, институционални и безбедносни кризи. Наместо да ги спроведува законите, УБК работи надвор од својот законски мандат и неовластено прислушкува и следи неистомисленици, порача претседателот Иванов во своето годишно обраќање пред пратениците. Инаку премиерот Заев во 2014-та година ги започна протестите против владата на Груевски и Ахмети токму со тврдењето дека власта неовластено прислушкува и дека тоа е одлика на еден недемократски режим. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести