понеделник, 6 мај 2024

MK/ EN/ DE



Тема за политички препукувања

Објавил: Калина Мартинска | 7 април, 2024 22:23

Уапсен Фуркан Салиу, нападнал полицаец, а во возилото имал пиштол

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Новинарот Фуркан Салиу денеска е уапсен од скопската полиција, на фудбалски натпревар. По инцидентот полицијата извршила претрес на Салиу и на неговото возило, при што нашла еден пиштол во неговиот ранец.

Извештај на МВР

Денеска ( 07.04.2024) околу 17 часот на фудбалскиот стадион во с. Средно Коњари за време на фудбалскиот натпревар помеѓу ФК “БВК Коњаре” и ФК “Куманово”, на дваесетина минути пред крајот на натпреварот дошло до обид домашната публика да се пресмета со гостинските играчи, информираат од МВР за Курир.

Обидот е спречен од страна на службите кои го обезбедуваа натпреварот и натпреварот бил прекинат.

За време на интервенцијата, од страна на две лица нападнати се припадници на Единицата за брзо распоредување. Лицата кои го извршиле нападот веднаш се приведени и утврдено е дека станува збор за Ф.С.(33) од с. Арачиново и Н.Ј. (26) од с. Арачиново, додека С.Б. (40) од с. Арачиново е приведен за учество во тепачка.

Дополнително, околу 18 часот, при преглед на патничко возило “дачија дастер”, сопственост на Ф.С., а управувано од Ф.А.(34) од с. Кондово со сопатник А.Р. (21) од с. Кондово, во багажникот е пронајден пиштол, информираат од МВР за Курир.

СВР Скопје презема мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.

Став на министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски

-Во однос на приведувањето на лицето Ф.С. од Скопје ја информирам јавноста дека истото е последица на извршен напад на полициски службеници, припадници на Единицата за брзо распоредување кои биле ангажирани за одржување на јавен ред и мир на фудбалски натпревар кој бил оценет како натпревар со безбедносен ризик, а кои во моментот на напад од наведеното лице интервенирале бидејќи дошло до обид домашната публика да се пресмета со гостинските играчи.

По приведувањето на лицето Ф.С. извршен е преглед на автомобил во негова сопственост и во истиот е пронајден пиштол. Од страна на полициски службеници истиот е приведен во полициска станица каде ќе биде извршен разговор и ќе бидат преземени сите потребни мерки и активности за целосно расчистување и документирање на настанот.

Сакам да истакнам дека ја разбирам загриженоста на Здружението на новинари и Синдикатот на новинарите, но МВР мора да постапува еднакво кон секој кој ќе нападне полициски службеник, согласно утврдените законски процедури. Како министер досега покажав дека се залагам за транспарентност и отчетност за работењето на МВР и така ќе остане, но законите во државата мора да важат за сите подеднакво.

Во тој контекст ги повикувам политичките партии, здруженија, синдикати и сите други релевантни фактори да се воздржат од давање изјави и соопштенија со кои се врши притисок кон полицијата и да остават полициските службеници професионално да си ја завршат својата работа, без политика и исклучиво во согласност со Законот. Јавноста ќе биде целосно информирана за сите детали поврзани со овој случај веднаш по завршувањето на истрагата, објави Тошковски.

Се огласи Фуркан Салиу

Новинарот Фуркан Салиу кој беше уапсен попладнево, се огласи за ситуацијата.

„Од објективни причини не можам да пишувам на мојот личен профил. Во моментот ме држат во полициска станица во Автокоманда.

Жал ми е што со моето однесување можеби ескалирав во ситуацијата да завршам со лисици. Жал ми е дури и ако ве разочарав што верувавте во мојата работа. Ве уверувам дека не сум нападнал полицаец.
Иако се пукало, полицијата ги избриша материјалите во полициската станица.

Во врска со пиштолот што беше пронајден во мојот автомобил.. Пиштолот е со дозвола и е пронајден во мојот автомобил. За време на моето телефонско апсење, клучевите ми паднаа од џебот и мојот камерман ги зема.
Без судска наредба и без да бидам присутен како сопственик автомобилот беше контролиран од специјална единица.
Делото за кое сум обвинет, напад врз полицаец не држи вода и никогаш не може да се докаже. Ви благодариме за вашата поддршка и се надевам дека ќе ве видиме многу наскоро.

Владејачките партии без детали, обвинуваат

По апсењето на новинарот Фуркан Салиу, портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски закажа вонредна прес-конференција пред ПС Гази Баба.

Тој на прес-конференцијата рече дека „ДПМНЕ го врати ВМРО-МВРО на најбезобразен брутален начин со апсење на новинарот Фуркан Салиу. СДСМ го осудува овој недемократски чин и бара негово ослободување веднаш“.

„На сите им е јасно дека е ова обид за замолчување и заплашување откако новинарот објави афера директно поврзана со ДПМНЕ. На чело на СВР Скопје и ЕБР се новопоставени началници од страна на Тошковски, значи началниците назначени од Тошковски и ДПМНЕ дале наредба за апсење на новинарот Салиу. Ова е загрозување на слободата на демократијата, на слободата на говор загарантирана со Устав. Директен брутален притисок врз независните новинари врз оние кои истражуваат и работат за јавниот интерес. За седум години власт на СДСМ не само што нема уапсен новинар, не само што претставките против новинарите од функционери пред судовите се минато туку владата предводена од СДСМ донесе низи законски решенија со кои се гарантира заштитата на новинарите“, вели Каевски на вонредната прес-конференција.

ВМРО-ДПМНЕ бара целосно да се расветли случајот

Ја браниме и во целост ја почитуваме новинарската дејност и слободата на новинарите да известуваат и пишуваат за настаните и темите од јавен интерес, без било какви пречки.

Секој еден новинар ја има нашата поддршка. ВМРО-ДПМНЕ не поддржува насилство, и осудуваме било каков напад врз службено лице на МВР. Тоа треба да се осуди од сите чинители и доколку се потврди дека тоа е сторено, тогаш сторителот треба да ги сноси сите последици согласно законите и Уставот.

Бараме целосно да се расветли случајот со приведувањето на новинарот Фуркан Салиу и да се почитуваат сите негови права и слободи како новинар.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести


Ние користиме колачиња за да ја подобриме практичноста на веб-страницата. Со вашата посета се согласувате со ова.