Комисијата за национална безбедност и надворешни прашања во грчкиот Парламент во 10 часот по локално време ќе одржи седница на која ќе ги разгледа нацрт законите доставени од Министерството за надворешни работи на Грција за отворање на новите гранични премини кај Мајден и Маркова нога, како и за подигнувањето на Канцеларијата за врски во Скопје на ниво на амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат, објави дописничката на МИА од Атина.
Нацрт законите произлегуваат од потпишаните договори во Скопје во март и април годинава, а известувачи во Комисијата се пратениците Јоргос Ѕиманис од СИРИЗА и Јоргос Кумуцакос од Нова демократија.
Едниот предлог закон е под наслов „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин меѓу двете земји, што ќе ги поврзува Промахи во Република Грција со Мајден во Република Северна Македонија“, а вториот под наслов „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин во регионот на Преспанското езеро и други одредби“.
Откако нацрт законите ќе добијат зелено светло од надлежната Комисија за национална одбрана и надворешни работи во грчкиот Парламент, потоа ќе бидат доставени за ратификација на пленарна седница во Парламентот.
Нацрт законите доставени во грчкиот Парламент, кои во посебни членови ги вклучуваат потпишаните договори во Скопје, едниот на 8 март 2019, другиот на 2 април 2019, се потпишани од министрите за: надворешни работи Јоргос Катругалос, цивилна заштита Олга Геровасили, финансии Евклидис Цакалотос, транспорт и врски Христос Спирѕис и алтернативната министерка за надворешни работи Сиа Анагностопулу.
Согласно потпишаните договори, за изградбата и отворањето на граничниот премин кај Мајден ќе се користат фондови од Европската унија, а во договорот за граничниот премин кај Преспа, вклучени се и членови за подигање на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат.
Според двата потпишани договори во Скопје, предвидено е да се формира заедничка Комисија на експерти од двете земји со најмногу девет претставници од секоја страна кои ќе бидат надлежни за техничките и правните теми, за функционирањето на граничните премини и за други прашања од заеднички интерес поврзани со спроведувањето на договорите.
Во рок од 30 дена од стапувањето на сила на договорот, двете страни по дипломатски пат ќе ги разменат листите со членовите на Комисијата, која за прв пат ќе се состане во рок од три месеци по стапувањето на сила на договорот, а ќе одржува состаноци на секои две години.
Ваква комисија е предвидена и за граничниот премин кај Мајден и за граничниот премин кај Маркова нога.
МИА во саботата ја пренесе содржината на двата нацрт закони за кои денес ќе дискутираат пратениците од Комисијата за национална одбрана и надворешни прашања.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.