Грубо прекршување на принципите за отворање нови работни места и мобинг врз наставник на Факултетот за музичка уметност во Скопје

Објавил: admin@magazin | 28 јуни, 2018 17:27

Отворено писмо од Димитрије Бужаровски

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Почитувани, На 27 јуни 2018 година во Факултетот за музичка уметност во Скопје на седницата на Наставно-научниот и уметнички совет се случи грубо прекршување на принципите за отворање на нови работни места и мобинг врз вонр. проф. д-р Трена Јорданоска во Факултетот за музичка уметност во Скопје. На оваа седница со притисок од страна на деканот на ФМУ проф. м-р Зоран Пехчевски врз ННУС на ФМУ е изгласана потреба за отворање на ново работно место по предметот естетика на музиката, иако за него во моментов на ФМУ воопшто не постои потреба.

Имено, предметот естетика на музиката е застапен со по 2 часа во две години (4 семестри), односно вкупно 4 часа во две години и тоа како изборен предмет. За овој предмет е веќе избрана вонр. проф. д-р Трена Јорданоска, којa како наставник го предава 7 години, поминувајќи го пред тоа патот од демонстратор, преку асистент, до наставник. Останатите часови потребни за целосен фонд за постојано вработување вонр. проф. д-р Трена Јорданоска ги исполнува со уште 2 предмети за кои е бирана, односно сонологија со мултимедија и музикологија. Треба да напоменеме дека вонр. проф. д-р Трена Јорданоска истиот овој предмет со одлука на Сенатот во Универзитетот во Ниш како визитинг професор го предавала на Факултетот за уметности во Ниш повеќе години (од 2013 до 2016 година) што секако претставува редок пример на УКИМ и што самото по себе говори за квалитетите и достигнувањата на меѓународен план на оваа професорка. Исто така вонр. проф. д-р Трена Јорданоска учествувала во подготовката на преводот на Историјата на естетиката на музиката од проф. д-р Димитрије Бужаровски на српски јазик објавена од Факултетот за уметности на Универзитетот во Ниш во 2013 година. Историјата на естетиката на музиката е редок пример за научен труд кој веќе три децении се користи во Македонија, Бугарија и во бившите југословенски републики, како учебник, а пред 4 години е преведен и објавен и на албански јазик.

При вакви услови на седницата на ННУС на ФМУ на 27 јуни 2018 година беше поставено изгласување на потреба (што значи распишување на конкурс) за работно место на ФМУ за предметот естетика на музиката, иако за него нема целосен фонд на часови, се работи за изборен предмет, и има наставник кој веќе го предава.

Исто така во овој случај грубо е нарушена и вообичаената процедура за утврдувањето на потребата, односно добивање на мислење на катедрата за музичка теорија и педагогија, музикологија, композиција и диригирање и наставникот кој го предава. Од друга страна наставничката којa го предава предметот беше информирана на самиот ННУС, бидејќи точката во доставениот дневен ред беше именувана општо како утврдување на потреба за еден наставник во постојан работен однос, без наведување на предметот. Kако што беше потврдено и од шефот на катедрата за гудачки инструменти и гитара на седницата на ННУС, за оваа потреба не е дискутирано на Деканатската управа на ФМУ пред таа да се достави до Министерството за образование и Министерството за финансии, односно за оваа потреба Деканатската управа расправала по добивањето на согласностa.

Се разбира првото прашање кое се поставува е како и со која аргументација е поднесено барање до двете министерства, за работно место за изборен предмет со фонд од само 4 часови.

Образложението на Деканот на ФМУ проф. м-р Зоран Пехчевски дадено на ННУС на ФМУ беше дека следната година (во 2019) во пензија ќе оди проф. д-р Димитрије Бужаровски (кој не го предава овој предмет веќе 7 години), па заедно во пакет беа набројувани една цела низа предмети кои ги предавaле проф. Бужаровски и вонр. проф. Јорданоска. Се разбира, таа пракса однапред да се расправа за предметите кои би останале непокриени со пензионирањето на одредени наставници, многу ретко е применувана во претходното работење на ФМУ. Најсвеж пример е одењето во пензија на проф. д-р Томе Манчев пред една година, за работно место за кое не само што не е распишан конкурс, туку по пензионирањето (по продолжениот рок од 67 години) повторно, во академската 2017/2018 година, е ангажиран хонорарно пензионираниот професор да предава на првиот циклус студии на ФМУ. Ова не е прв случај на ФМУ по пензионирањето на наставници да им се доделуваат предмети за предавање на првиот циклус студии, иако законот тоа стриктно не го дозволува.

Ваквото поставување и врзување на фондовите на различни наставници, само упатува на намерата да му се одземе предметот без согласност на наставникот кој е избран и кој го предава предметот, нешто што е и правно, и професионално, и морално, недозволиво и е непозната пракса на УКИМ.

Самата постапка ова да се направи директно на ННУС на ФМУ укажува и на притисок на работното место на постоечкиот наставник, односно мобинг од страна на раководителите на оваа институција, што не е непозната пракса во изминатите девет години на ФМУ, во кои со факултетот најнапред раководеше проф. м-р Гордана Јосифова-Неделковска, а продекан беше проф. м-р Зоран Пехчевски, кој ја презеде оваа функција по назначувањето на проф. Јосифова-Неделковска за проректор на УКИМ. Инаку на самата седница на ННУС беше присутна и проф. Јосифова-Неделковска, која и дискутираше во прилог на отворањето на ова работно место.

Мобингот беше евидентен и преку отфрлањето од страна на деканот проф. Пехчевски на предлогот на проф. Бужаровски пред да се гласа за ова прашање најнапред да се разговара на катедрата за музичка теорија и педагогија, музикологија, композиција и диригирање која воопшто не ги разгледала фондовите на часовите и потребите на оваа катедра. Инаку катедрата за музичка теорија и педагогија, музикологија, композиција и диригирање веќе 9 години воопшто не се состанува, а претходната деканка и сегашниот декан сами гo назначуваат шефот на катедрата, што е исто така непозната пракса на УКИМ, бидејќи шефовите најнапред ги бираат катедрите (на нивен предлог или на предлог на деканот).

Предлогот на проф. Бужаровски деканот Пехчевски го отфрли со образложение дека членовите на катедрата се присутни на ННУС, според тоа нема зошто да расправа на посебна седница на катедрата. Во ова беше поддржан и од постоечкиот правник на ФМУ д-р Димитри Чапканов, со образложение дека дневниот ред e веќе изгласан, точката е веќе поставена и треба да се гласа за неа, бидејќи таа не може да се врати на разгледување на катедрата за музичка теорија и педагогија, музикологија, композиција и диригирање, без разлика што катедрата воопшто не расправала за неа. Ова е правно неиздржана пракса, бидејќи во многу ситуации во минатото, кога ќе се заклучело дека има проблеми во донесување на одлуките, деканот ја прекинувал расправата и точката ја одложувал за следните ННУС.

На вака под притисок наметнатото гласање и без други дискусии во прилог на усвојувањето на потребата, освен на деканот Пехчевски, проректорот ЈосифоваНеделковска и шефот на катедрата за музичка теорија и педагогија, музикологија, композиција и диригирање, проф. Живоин Глишиќ, (кој без согласност на катедрата освен при првото изгласување пред 9 години, без да ја свикува ја води во целиот овој период), беше изгласана потребата со 20 гласови за, 6 гласови против и 4 гласови воздржани (инаку ННУС брои 45 членови, и за членовите кои воопшто не гласале ќе се знае откога ќе биде доставен записникот од ова седница).

Грубото прекршување на целата постапка и во правна смисла, но уште повеќе во професионална и во морална, како што кажавме е во согласнот со целиот период од 9 години во кој под притисок се донесувани и други одлуки на ННУС, со директно изгласување и без консултација од катедрите, поврзани со прашања од наставата, избор на наставници, избор на рецензенти, доделување на предмети итн. Затоа и не зачудува што во целиот овој период се дуплирани функциите на сегашните декан на ФМУ и проректор на УКИМ: имено, проф. м-р Пехчевски, најнапред продекан, а сега декан e раководител на вториот циклус студии, a раководител на третиот циклус студии на ФМУ e проф. м-р Јосифова-Неделковска, најнапред декан, а сега проректор на Универзитетот.

Заради сето ова бараме отповикување на целата деканска управа на ФМУ, како и проректорот проф. м-р Јосифова-Неделковска, заради грубо прекршување на постапките при утврдување на потреба за отворање на работно место, мобинг и дезинформирање на Министерствата за образование и финансии.

Инаку ова работно место е добиено во пакет со уште 4 работни места (односно вкупно 5), за кои не е гласано на иста седница на ННУС. За останатите 4 работни места ННУС на ФМУ расправаше на својата седница на 13 јуни, при што за нив беше веднаш распишан и конкурс, а за ова место во издвоена постапка беше расправано на седницата на 27 јуни. Во меѓувреме меѓу овие две седници е свикана, како што наведе деканот Пехчевски, консултативна седница со катедрата за клавишни инструменти и харфа заради евентуално предефинирање на ова работно место, односно додавање на предметот пијано и теорија на интерпретација, со образложение на потенцијалниот кандидат за ова работно место кој овде нема да го наведеме, кој има дипломи и од пијано, и докторат на Филозофскиот факултет во Скопје, да не може да му се јават други кандидати. Наведуваме потенцијалниот, бидејќи во моментов е одбранета само една докторска дисертација на Филозофскиот факултет, од кандидат кој има и завршено музичко образование.

Се разбира, со повторното објавување на конкурсот од овој пакет му се нанесува и материјална штета на ФМУ имајќи ги предвид дополнителните трошоци за распишувањето на конкурсот.

Во посебна постапка според Законот за заштита од вознемирување на работно место ќе поведеме постапка најнапред до ФМУ, а потоа и до соодветните институции, заради начинот на кој беше изведена целата процедура со кој се врши психички притисок во кој како консеквенца ќе му бидe одземен предмет на наставник кој e избран со легална процедура, и со што според споменатиот закон се спроведува психичко вознемирување на работното место.

На крајот останува и нашата реакција за целото деградирање на сите достигнувања и континуитетот за местото на овој предмет кој со објавувањето на Историјата на естетиката на музиката од проф. д-р Димитрије Бужаровски во 1989 година, и споменатите преводи и користењето на овој труд во соседните земји, беше идентификација на ФМУ од Скопје.

Се надеваме дека во рамките на вашите надлежности ќе ги преземете сите мерки за отстранувањето на штетните последици од овој случај.

Скопје, 28 јуни 2018 година

Вонр. проф. д-р Трена Јорданоска Проф. д-р Димитрије Бужаровски

 

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Образование

„Основците добиваат нови учебници и помошни наставни материјали, значително е модернизирана настава во средното образование, со многу нови дуални паралелки и компании партнери на училиштата“, вели Јетон Шаќири, министер за образование.

Сите предмети во една книга – учебната година почна, учебници нема

Вака изгледа привремениот „учебник“ за петто одделение. Четири во едно,  македонски...

„Со оваа одлука се утврдува дека бројот на наставните денови во тековната учебна година во средните училишта изнесува 146 наставни денови, односно дека нема продолжување на учебната година“, велат од Владата.

Нема продолжување на учебната година

Владата на Република Македонија на денешната редовна 44 седница ја донесе Одлуката...

Согласно овие предлози, Владата донесе заклучок според кој престануваат да важат сите рестриктивни мерки, освен задолжително носење заштитни маски во здравтсвените установи, аптеките и во установите за згрижување на возрасни лица и лица со попреченост.

Се укинуваат КОВИД-19 протоколите во предучулишните установи!

МТСП: Се укинуваат КОВИД-19 протоколите во предучулишните установи! Владата на Република...

МОН потсетува дека во периодот од 20ти до 30ти, односно 31ви во секој месец е отворена можноста за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за сите оние студенти кои претходно не ги исполнувале условите, или од било какви причини не аплицирале.

Извршена е исплата на средства за субвенциониран студентски оброк на над 28 илјади корисници на ова право

Извршена е исплата на средства за субвенциониран студентски оброк на над 28 илјади...