ОЈО Скопје утврди дека нема основано сомнение дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои беа пријавени

Објавил: admin@magazin | 3 јули, 2018 12:00

ОЈО ги отфрли кривичните од Тодор Петров за петмина судии од Уставен суд

Фото/Текст извор: ©Магазин.мк

Основното јавно обвинителство Скопје ги отфрли кривичните пријави поднесени од Тодор Петров и Светскиот Македонски конгрес против петмина судии од Уставниот суд на РМ, информираат од ОЈО.

Постапувајќи по поднесените пријави надлежен јавен обвинител од ОЈО Скопје утврди дека нема основано сомнение дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои беа пријавени, по што донесе Решение за отфрлање на кривичните пријави. Имено, во пријавите поднесени од страна на Тодор Петров, претседател на Светскиот Македонски Конгрес, беше наведено дека петмина судии сториле кривични дела Злоупотреба на службената положба и овластување и Самовластие од Кривичниот законик. Според подносителот, судиите ја злоупотребиле својата службена положба со неизвршување на својата службена должност, како и самовласно си прибавиле право што сметале дека им припаѓа, а со што нанеле значителна штета на граѓаните на Република Македонија. Имено, подносителот навел дека судиите не постапиле по трите иницијативи кои тој ги доставил во Уставниот суд на Република Македонија, и тоа првата за поништување на Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите поднесена на 21.10.2015 година, втората за поништување на Одлуката за избор на претседател на Собранието на Република Македонија поднесена на 9.05.2017 и третата иницијатива за поништување на Одлуката за стапување на Република Македонија во членство на Северноатланската Алијанса- НАТО, велат од ОЈО.

Според обвинителството, биле преземени сите дејствија за проверка на наводите од поднесените пријави, при што е утврдено дека во Уставниот суд на Република Македонија веднаш по приемот на иницијативите, а согласно на Деловникот за работа на судот, се оформени предмети по кои во континуитет се преземани дејствија од судско-аналитички карактер. Барани се податоци потребни за одлучување по предметот и вршено е споредбено истражување на нормативните решенија и уставно судски одлуки. Проверена е и уставно-судската практика како елемент кој се зема предвид при одлучувањето на Уставниот суд.

Постапката по две иницијативи е во тек во Уставниот суд, додека за иницијативата за поништување на Одлуката за стапување на Република Македонија во членство на Северноатланската Алијанса-НАТО е одлучувано на седница на уставниот суд, при што е донесено Решение за неповедување на постапка за оценување на уставноста и законитоста. По преземање на потребните дејствија, јавниот обвинител утврди дека не се точни наводите во кривичните пријави, односно дека пријавените ги преземале во континуитет сите службени дејствија како службени лица- судии во Уставниот суд. Од тука, нема основи на сомнение дека судиите со нечинење- неизвршување на службената должност ја злоупотребиле својата службена положба. Исто така, јавниот обвинител утврди дека во преземените службени дејствија на судиите нема материјални факти кои би укажале на самовластено постапување на осомничените, односно дека нема елементи дека истите извршиле кривично дело самовластие- стои во соопштението на ОЈО.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести