Спомен за загинатите припадници на АРМ на Карпалак

Објавил: Мирко Бачиќ | 8 август, 2018 7:22

17 години Карпалак – тага и непребол за 10-те загинати бранители на Македонија

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Масакрот кај Карпалак е најброен масакр врз војници во воениот конфликт во 2001 година. На 8-ми август 2001-ва година 10 резервисти беа убиени а тројца ранети кога конвој од хермелин – два автобуса – камион и комбе од Прилепската касарна одел кон Тетово.

Кај месноста Карпалак конвојот бил пресретнат во терористичка заседа во 9:30 часот и врз него бил отворен жесток оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи.

Едно транспортно возило било погодено со ракетен фрлач при што загинале осум војници и двајца офицери сите од резервниот состав. Со ракетен фрлач бил погоден и еден од автобусите. Борбите за извлекување на преживеаните 108 луѓе траеле повеќе часови.

Жртви во крвавиот масакр кај Карпалак беа Нане Наумоски од Прилеп – Сашо Китаноски од Прилеп – Бранко Секулоски од Прилеп – Горан Миноски од Прилеп – Марко Деспотоски од прилепско Новоселани – Ердован Шабаноски од Прилеп – Љубе Грујоски од прилепско Пашино Рувци – Дарко Велјаноски од прилепско Ропотово – Веби Рушитоски од Прилеп и Пеце Секулоски од прилепско Бело Поле.

Денес заедничка делегација од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија предводена од државниот секретар Драган Николиќ и директорот на Генерал штабот на АРМ генерал мајор Зоран Милески ќе положат венец со свежо цвеќе пред спомен плочата во месноста Карпалак.

Во 13:00 часот во Прилеп заедничка делегација од Министерството за одбрана и од Армијата на Република Македонија ќе положи венец со свежо цвеќе пред комплексот “Карпалак” во центарот на Прилеп.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.