ЈП "Градски паркинзи" побара од Советот на Град Скопје, паркингот во кампусот на Клинички центар "Мајка Тереза" од досегашните 300 да се покачи на фантастични 800 денари месечно

Објавил: Мирко Бачиќ | 10 декември, 2018 12:57

Синдикатот реагира, дел од вработените ќе треба да работат само за паркинг

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Планираното покачување на паркинг местото во кампусот клиники „Мајка Тереза“ најмногу ќе ги погоди вработените од социјално најранливата категорија, чија бруто плата изнесува 17.883 денари, односно 12.503 денари нето плата.

Ваква е реакцијата на синдикатот на Клинички центар, по најавите на Град Скопје дека паркингот за вработените од „Мајка Тереза“ би можел да поскапе од 300 на 800 денари месечно.

Од Синдикатот преку соопштение велат дека на овој начин оваа категорија вработени треба приближно еден месец во годината да работи за да го плати паркинг местото на своето возило за време на извршување на своите работни обврски.

Доколку Советот на град Скопје го изгласа овој предлог на ЈП ‘Градски паркинзи’ и истиот почне да се применува, планираното покачување на платата на оваа категорија вработени од 5 проценти за 2019 година, почнувајќи со септемвриската плата само по овој основ, практично се сведува на нула отсто.

Дали надлежните институции кои управуваат со паркингот во кампусот клиники ‘Мајка Тереза’ сметаат дека оваа социјално најранлива категорија вработени нема право со возило да оди на своето работно место? – прашуваат од синдикатот.

Предложеното покачување, како што додаваат, ќе се одрази и во намалување на планираниот процент на покачување на платите за следната година и на сите други профили вработени во кампусот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Верувавме дека со планираната изградба на катните гаражи за паркинг вработените во кампусот клиники ‘Мајка Тереза’ ќе имаат картички со бесплатно паркинг место, соодветно на праксата во болниците во развиените земји, како и во приватните болници во Македонија.

Синдикатот на Клинички центар го повикува министерот за здравство, Венко Филипче, со својот личен и со авторитетот на институцијата што ја претставува да го реши овој новонастанат проблем во полза и корист на вработените во кампусот клиники ‘Мајка Тереза’ чии интереси ги застапува во рамките на своите надлежности“. –  додава Синдикатот во соопштението и порачува дека доколку биде изгласан предлогот, синдикатот ќе биде принуден да превземе соодветни мерки за да ги заштити правата и интересите на своето членство.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести