Скопска апелација со реакции на изјавите на Груевски дека подлегнале под политички притисок, и дека денес на суд, нема да присуствува ниту тој, ниту неговите адвокати

Објавил: Мирко Бачиќ | 5 септември, 2018 6:33

Апелациски: Наводите од Груевски се невистина и манипулација

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Апелацискиот суд Скопје во целост ги демантира наводите изнесени на прес-конференцијата од Никола Груевски во врска со предметот „Тенк“, оценувајќи ги како груба невистина и манипулација со јавноста.

– Наводите на обвинетиот се во целост невистинити, исконструирани и тенденциозни со цел да се дискредитира Судот и да создаде лажна перцепција во јавноста дека судството е под притисок на власта и носи нарачани одлуки, се наведува во соопштението од скопска Апелација.

Во соопштението е нагласено дека тврдењето на обвинетиот Никола Груевски на прес конференцијата дека поседува сигурни извори дека судиите на Апелацискиот суд Скопје биле повикувани поименично еден по еден кај в.д. претседателот на Судот, дека подлегнале на притисоци и дека веќе е донесена одлука за негова осуда, за предмет за кој се уште е во тек јавната седница, претставува груба невистина и манипулација со јавноста.

Од Судот информираат дека предметот е распределен кај судијата известител согласно АКМИС системот, а Советот постапува според годишниот распоред за работа на судиите донесен од страна на претседателот на Судот, согласно Судскиот деловник.

– Јавната седница е закажана согласно Закон, по барање на обвинетите и нивните бранители за која беа определени два дена, со цел одбраната и обвинетите да ги изнесат нивните наводи во врска со обжалената пресуда. Времетраењето на јавната седница одржана на 31.08.2018 година беше пролонгирано поради последователни – едно подруго поднесувани барања на одбраната за изземање на судиите, со јасна цел истата да не се одржи, поради која причина и се одолговлекуваше траењето на јавната седница, а која по нејзиното започнување беше прекината и за продолжението на истата дополнително беше определен уште еден термин, усогласен со одбраната и обвинетите, се наведува во соопштението од Апелацискиот суд Скопје. 

Никола Груевски денеска од прес-конференција во Собранието на РМ најави дека утре нема да се појави во Апелацискиот суд, а на седницата за „Тенк“ нема да присуствуваат ниту неговите адвокати зашто, како што рече, и онака одлуката е политички веќе донесена.

Груевски обвини дека власта води политичка хајка против него, а судиите се професионални, но работат, како што рече, под притисок.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести