Сумата која партијата треба да ја плати е засега непозната, а долгот е од времето на поранешното раководство на чело со претседателот Никола Груевски.

Објавил: Владо Марин | 1 декември, 2020 7:11

Блокирана сметката на ВМРО-ДПМНЕ, уште не се платени позлатените рамки и сликите од Груевски

Фото/Текст извор: ©а1 он

Извршител ја блокирал сметката на ВМРО-ДПМНЕ поради неплатени долгови поврзани со уметничките слики, односно рамките, поставени во седиштето на партијата.

Сумата која партијата треба да ја плати е засега непозната, а долгот е од времето на поранешното раководство на чело со претседателот Никола Груевски.

Сликите беа поставени по изградбата на новото партиско седиште, кое е луксузно опремено. Фирмата која ја блокирала сметката, досега од партијата не ја открија. Оттаму само ја потврдуваат информацијата за долгот и напоменуваат дека тој е од пред неколку години.

Во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ по изградбата беа околу 270 уметнички слики.

Мотивите на сликите се од партиските собири, а има и такви каде е насликано поранешното раководство на партијата. Дел од нив добија и позлатени рамки.

Ликовите на Никола Груевски со неговата сопруга Боркица, Гордана Јанкуловска, Зоран Ставревски, Влатко Ѓорчев, Антонијо Милошоски, Трајко Вељановски, Никола Тодоров се на дел од сликите, кои беа насликани и од странски автори.

Имотот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е исто така замрзнат од Обвинителството, трета година по ред. Со мерката се замрзнати вкупно 69 недвижнини, меѓу кои и објектот во кој се наоѓа седиштето на партијата.

Дејствијата се преземени во рамки на предметот „Талир“ кој се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до крајот на 2015 година, а постои сомнеж за злоупотребени 4,9 милиони евра.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести