Мека и топла Божиќна погача.

Објавил: admin@magazin | 7 јануари, 2022 9:49

БОЖИЌНА ПОГАЧА – ТРАДИЦИЈА ВО СЕКОЈ ДОМ

Фото/Текст извор: ©магазин

Божиќната погача е неопходна на празничната трпеза, а ние ви препорачуваме идеален рецепт за традиционална погача.

Погледнете го овој неверојатно лесен рецепт за божиќна погача.

Погачата можете да ја ставите на централното место на вашата трпеза и вкусете ја заедно со вашето семејство.

Божиќна погача. Долгогодишна традиција во секој дом.

Состојки:

250 мл млеко
250 мл јогурт
100 мл масло
2 јајца

2 рамни лажички сол
2 лажички шеќер
15 г квасец
2 лажички брашно
околу 900 г брашно тип 400

1 лажичка млеко
1 лажичка масло
Малку путер за премачкување на садот во кој ќе се пече погачата
Малку масло за премачкување на садот во кој се дига тестото
Алуминиумска фолија за покривање на погачата за да не потемни многу

Постапка:

Загрејте го млекото да биде млако. Додадете го квасецот, шеќерот и две лажички брашно.

Оставете да надојде квасецот. За тоа време измешајте ги јајцата со сол, масло и јогурт. Додадете го и активираниот квасец.
Брашното просејте го за да биде воздушесто, а со самото тоа и погачата е полесна. Речиси целата количина на брашното додадете ја во млекото. Јас ја месам со миксер, иако треба со рака. После тоа само го домесувам тестото, но на почетокот кога треба да се поврзат сите состојки користам миксер.
Значи месете го тестото а по потреба додавајте го остатокот од брашното. Месете додека тестото да стане мазно. Ако и натаму е лепливо додадете уште малку брашно, но не претерувајте.
Еден чист сад намастете го со масло и ставете го тестото тука додека да се удвои.

И тестото намастете го малку од сите страни. Потоа спакувајте го садот во најлон кеса, но претходно истиснете го сиот воздух – за да се дигне многу побрзо и поубаво. Оставете го на топло.
Вака приготвеното тесто почекајте да се удвои по што треба да се премеси, па уште еднаш да се повтори постапката. Вториот пат не мора да се чека толку за да нарасне.
Нараснатото тесто истресете го на работна површина. Поделете го на два дела.
Првиот дел обликувајте го во круг па ставете го во тркалезен калап 28 см, претходно премачкан со путер. Обликувајте го така да го прекрие дното на садот.
Вториот дел од тестото поделете го повторно на два дела. А едниот од тие два дела уште на два, а вториот на шест делови. Сите 8 делови исучете ги долгнавесто во валјачиња од околу 20-тина см, па оставете ги 5 минути да мируваат.

Потоа 6 од нив истенчете ги да бидат подолги, со должина од околу 40 см, за да можат да се сплетат (потребно е да се подолги за да ја прекријат погачата и малку да се подвиткаат под неа).

*Не заборавајте да ставите и паричка во тестото.

Од шесте валјачиња исплете две плетенки кои ќе ги вкрстите над погачата, прикажано на фотографијата подолу, а од останатите две кои ќе ги свиете едно околу друго, ќе направите круг околу погачата.
Оставете ја сега погачата да нарасне околу половина час.

Вклучете ја рерната на 200 степени. Изматете со виљушка жолчка со малку млеко и масло. Внимателно премачкајте ја Божиќната погача, па ставете да се пече околу 40 минути.

Кога ќе добие боја каква што сакате, ставете фолија врз неа за да не потемнее повеќе.
Печената погача завиткајте ја во чиста крпа и оставете да излади.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.