Бугарски пасоши имаат илјадници Македонци

Објавил: Узунов Бобан | 4 јули, 2019 12:18

Во бугарското село Бело Поле живеат 650 жители и 10. 064 Македонци со бугарски пасош

Фото/Текст извор: ©магазин

Бело Поле, бугарско село на 5 километри од Благоевград има 650 жители, а таму се регистрирани 10.000 гласачи. И покрај тоа на последните претседателски избори во 2017 година тука бугарските власти отвориле само едно избирачко место. Знаат дека во Бело Поле на гласање излегуваат околу 300 гласачи. Сите други се Македонци со бугарски пасош и адреса некаде во Бело Поле. 

Неофицијалните податоци велат дека 100 до 150.000 македонски граѓани добиле бугарски пасош а на овој чекор се одлучуваат и млади и стари, и студенти и печалбари , невработени и вработени кои својата иднина не ја гледаат во земјава во која признале или не тешко е да се преживее со 200 евра плата.
Исклучок не се ниту лекарите и административците од внатрешноста кои одлучиле да извадат пасош за да можат да заминат во земја каде нивниот труд ќе биде повеќе ценет и награден.
Источниот регион засега е број еден за бугарски пасоши, а рекордер е најисточниот град кој граничи токму со Бугарија – Делчево каде 70% од жителите веќе имаат двојно државјанство.

Според бугарските медиуми последната бројка за бројот на регистрирани гласачи е 10.064, а тоа значи дека треба да се отворат 10 избирачки места. Но, веќе неколку изборни циклуси тука се отвора само едно избирачко место

Во ова бугарско село свои адреси имаат повеќе од 9.000 македонски граѓани со бугарски пасош. За посредниците за пасошите најлесно било да ја изманипулираат бугарската држава со адреси во Бело Поле.

Бугарските медиуми ги споредуваат бројките на жителите во Македонска Каменица (околу 8.000) со бројот на гласачи во благоевградското село Бело Поле.

Делчо Гошев, во Делчево познат како „Делчо Транс“ 16 години помага за посредување на бугарско државјанство и добивање бугарски пасош. Тој за Поглед.мк вели дека според неговите сознанија во Благоевград има сигурно повеќе од 30. 000 регистрирани Македонци.

„Во Благоевград сум сигурен дека има над 30.000 регистрирани Македонци. Во село Бело Поле има над 9.000, а по неколку илјади има и во селата Логодаш, Рилци, Лешко Покровник и во неколку други села“, вели Гошев.

Тој вели дека покрај младите од 18-30 годишна возраст, бугарски пасош земаат и постарите луѓе кои заминуваат во странство, гледајќи да заработат некој денар повеќе со кој ќе може да го прехранат своето семејство. 

Иселувањето мислам дека нема да престане во блиска иднина, напротив, мислам дека се поголем број на Македонци ќе земаат бугарско државјанство. Јас во тоа не гледам ништо лошо, бидеќи според мене благодет е да се поседува и друго државјанство, особено бугарското, бидејќи со нив сме како браќа и тие се единствените кои во секој момент може да ни помогнат“, вели Гошев.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести