Во Србија најдобриот наставник во селско училиште

Објавил: Узунов Бобан | 3 септември, 2019 8:31

Во Србија најдобриот наставник го преместуваат во селско училиште

Фото/Текст извор: ©магазин

Наставата приспособена на интересите на учениците, која инаку со свои реформи се обидува да ја воведе министерството за образование во основните училишта во Србија, учителот Миомир Дејановиќ од Врање сам ја спровел во училишните клупи во основното училиште „Светозар Марковиќ“, претворајќи ги лекциите во стрип. Притоа го поврзал материјалот од повеќе предмети, што е една од основните цели на сегашните просветни власти. Користејќи го стрипот, веќе 25 години држи часови според желбите на децата, поради што Здружението „Живојин Мишиќ“ во 2017 година го прогласи за најдобар наставник на просторите на поранешна Југославија. И покрај сите признанија што ги освоил сам или со своите ученици, минатата недела добил решение да премине од училиштето во Врање во издвоеното одделение во Долно Нерадовци. И покрај фактот дека овој учител се наоѓа на трето место според ранг-листа со 20 учители во училиштето „Светозар Марковиќ“. Додека првопласираната учителка има два поена врз основа на ученички награди од натпревари, а второпласираниот четири, Дејановиќ на медалите од своите ученици добива 15 поени.

Причината за преместувањето на еден од 20. учители е оправдана бидејќи основното училиште од овој септември има едно одделение со првачиња помалку. Но зошто одлуката паднала токму за оној што ја носи титулата најдобар едукатор, ако се знае дека зад Дејановиќ има уште 17 учители на училишната ранг-листа, меѓу кои и две учителки, кои како и тој во јуни завршиле со децата од четврто одделение?

– Овој потег на директорката Тијана Ѓокиќ е неетички поради фактот дека имам дете со аутизам во друго основно училиште во Врање, како и сопруга која е учителка надвор од Врање и секојдневно патува во селско училиште. Директорката знае дека со ова ќе му се оневозможи на мојот син и понатаму да посетува настава во основното училиште „Радоје Домановиќ“, во кое би требало да заврши осмо одделение. Често се случува тој на училиште да се вознемири, па да нè викнат порано да го земеме, а доколку јас и сопругата патуваме во селските основни училишта, нема да можеме да го приспособиме работното време на носењето и престојот на нашето дете на училиште. Ако директорката на училиштето во кое јас работам, кон мене, родител на дете со тешкотии во развојот, се однесува вака, тогаш каква порака таа ѝ испраќа на јавноста – нагласува учителот Дејановиќ и додава дека на сето ова, нота на апсурдност додава и фактот дека Тијана Ѓокиќ е координатор во проектот „Образование за правата на децата“.

Дејановиќ вели дека случајот го пријавил во општинската и републичката образовна инспекција, како и кај Младен Шарчевиќ, министер за образование, кому му упатил апел за помош.

-Ја прашав директорката зошто баш јас, кога е запознаена со моето место на ранг-листата и семејната ситуација. Писмено не ми одговори, а усно кратко рече дека таа така одлучила – истакнува Дејановиќ.

На прашањето зошто баш Дејановиќ, кој е трет на ранг-листата, се преместува во селско одделение, директорката Тијана Ѓокиќ вели дека во седиштето на училиштето во Врање, поради помал број запишани првачиња, ќе бидат формирани три одделенија. Напоменува дека во учебната 2018/2019 година четврто одделение завршиле четири одделенија, а едно од нив го водел Миомир Дејановиќ.

– Со оглед на тоа дека во прво одделение има еден клас помалку од бројот на наставници во четврто одделение, еден од овие наставници не може да биде распореден во претстојната учебна година како наставник на прво одделение, туку треба да ги преземе првачињата во издвоеното одделение во Долно Нерадовци, наместо да биде наставник на одделенска настава, за чија работа престана да има потреба – истакнува Ѓокиќ.

Таа вели дека споменатата ранг-листа служи исклучиво за утврдување на технолошките вишоци, а не за одредување кој од наставниците ќе биде евентуално распореден во издвоено одделение.

– Како директорка на училиштето, која во претходните шест години се занимава со зајакнување на капацитетите на вработените за правата на децата, а децата во рамките на редовната настава учат за нив, настојувам моите одлуки да бидат во согласност со интересите на сите ученици. Нашето училиште гарантира квалитетно образование на секој ученик, без разлика дали оди во матичното училиште или во издвоеното одделение. Сите вработени во училиштето, кое се стреми да биде модел на училиште за правата на децата, не ја доживуваат работата во рурална средина како казна. Конкретно, во нашето училиште во Долно Нерадовци, кое се наоѓа во близина на матичното училиште, децата и нивните родители ќе ги израдува фактот дека со нив ќе работи и соработува еден од најдобрите учители од училиштето, на чии резултати во областа на стриповите сме многу горди – стои во одговорот на директорката Ѓокиќ.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести