Во Кавадарци не издржала ниту 2 часа, а во Неготино целосно исчезнала за 24 часа, а за Прилеп до сега нема информација дали револтираните граѓани извршиле герилска акција.

Објавил: Весна Петровска | 22 септември, 2019 14:11

Двојазични табли во Неготино, Кавадарци и Прилеп – ВЕТУВАЊЕТО НА ЗАЕВ НЕ ВАЖИ!

Фото/Текст извор: ©онлајн магазин

Покрај Неготино, двојазичните табли биле поставени на Фондовите за пензиско и инвалидско осигурување во Кавадарци и Прилеп, но истите не издржале многу и почнувало да ги снемува.

Во Кавадарци не издржала ниту 2 часа, а во Неготино целосно исчезнала за 24 часа, а за Прилеп до сега нема информација дали револтираните граѓани извршиле герилска акција.

Инаку, колку за потсетување премиерот Заев при едно негово гостување на една телевизија убедуваше дека до такво нешто нема да дојде.

–Кој бе тоа ќе спроведе во Радовиш, во Струмица, во Прилеп, во Кавадарци двојазичност? Глупости невидени, до каде забегаа, истакна Заев за време на предизборната кампања во 2016 година.

Владата на РМ објави соопштение во врска со Законот за употреба на јазиците, во кое вели дека законот ги унапредува правата на сите немнозински заедници и не предвидува нови вработувања. Македонскиот јазик со кирилското писмо останува единствен службен јазик на целата територија на Република Македонија и за меѓународни односи.

Соопштението на Владата го пренесуваме во целост:

„Вистината е дека Агенцијата за примена на јазикот и Инспекторатот за употреба на јазиците, како што предвидува законот и како што беше утврдено со политичкиот договор за негово донесување, кадровски ќе бидат екипирани од постоечките човечки ресурси во министерствата, агенциите и секретаријатите. Не се предвидени нови вработувања.

Спроведувањето на законските одредби е обврска на сите институции опфатени за негова примена.

Погрешно и манипулативно е тврдењето дека Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија со својство на правно лице, ќе го издигне албанскиот јазик над сите останати јазици во Република Македонија.

Вистината е нешто сосема друго, односно работата на Агенцијата ќе се однесува на сите јазици. Агенцијата ќе ги опслужува општините и другите институции во оние населени места каде што мнозинството граѓани се Македонци. Во тие градови, во случај кога некој граѓанин од албанска, ромска, бошњачка, српска, турска, ромска или друга етничка заедница ќе има потреба од каков било документ на друг јазик, покрај македонскиот јазик, тогаш Централната агенција ќе им излезе во пресрет на тие граѓани, да им обезбеди услуга на нивниот мајчин јазик којшто најдобро го разбираат.

Тоа значи дека во институциите во општините каде што немнозинските заедници не се застапени со повеќе од 20% од граѓаните, нема да се вработуваат нови административци за исполнување на одредбите од Законот за употреба на јазиците, а услугите ќе бидат обезбедувани преку Централната агенција, за која ќе бидат ангажирани постоечки капацитети од јавната администрација.

Не е точно и тврдењето дека повеќе официјални јазици има во држави во кои има повеќе автономни делови и дека со овој закон се загрозува унитарноста на Македонија.

Вистина е дека унитарниот карактер на Македонија не е доведен во прашање, a законот нa ниту еден начин не ја загрозува употребата и заштитата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Дека поголемите права за етничките заедници не ја за загрозуваат унитарноста на државите говорат и следните примери на унитарни држави кои имаат два или повеќе официјални јазици: Црна Гора (црногорски, српски, босански и албански), Малта (малтешки и англиски), Финска (фински и шведски, иако има 5% Швеѓани), Израел (хебрејски и арапски, нив ги има 20%), Косово (албански и српски), Белорусија (белоруски и руски), Кипар (грчки и турски), Ирска (ирски и англиски), Казахстан (казахтански и руски).

Законот е обврска од амандманот V од Уставот на Република Македонија, а особено во врска со став 2 и став 5 амандманот V од Уставот. Наведениот амандман на Уставот е донесен во 2001 година, пред речиси 18 години, а самиот закон не е прв закон од оваа сфера, туку следи после Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа од 2008 година и измените и дополнувањата на Законот од 2011 година.

Употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е регулирана со ставот 1 од наведениот амандман на Уставот и со Законот за употреба на македонскиот јазик од 1998 година и при тоа македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е службен јазик на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи.

Законот за употреба на јазиците не го дерогира постоечкиот Закон за употреба на македонскиот јазик.

Законот не воведува целосна двојазичност ниту на целата територија на Република Македонија, ниту во сите области на правниот поредок. Во меѓународните односи, одбраната, централната полиција и монетарната политика, македонскиот јазик е единствен официјален јазик во Република Македонија, што е утврдено со Законот за употреба на македонскиот јазик од 1998 година.

Согласно заклучок на Владата, Законот за употреба на јазиците ќе биде испратен на мислење до Венецијанската комисија од страна на Министерството за правда, и сите евентуални забелешки ќе бидат вградени во текстот на овој Закон. Тоа е гаранција за целосно почитување на европските стандарди.

Сите се добитници со овој закон, Македонија ништо не губи, а многу добива со остварување на последното отворено прашање од Охридскиот рамковен договор. Законот за јазици е во рамките на Уставот и овозможува услови за спроведување едно заедничко општество за сите граѓани на Република Македонија.

Со носење на Законот за употреба на јазиците, Владата на РМ става крај на национализмот, одејќи напред, со почитување едни кон други, со уважување на правата и потребите на секој граѓанин и секоја заедница.“

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести