Дали се отклопува клопчето за крвавите собраниски настани

Објавил: Узунов Бобан | 31 јануари, 2019 14:47

Заштитен сведок: Груевски е организатор на настаните од 27 април ?

Фото/Текст извор: ©алсатм.мк/магазин

Заштитениот сведок во случајот „27 април“ го посочил Никола Груевски како организатор на насилниот упад во Собранието. Ова за прв пат и јавно во судница го соопшти обвинителката Вилма Русковска, прераскажувајќи дел од исказот на сведокот и тоа на завршните зборови за крвавиот четврток. Според нејзините кажувања, Јане Ченто и Александар Василевски – Нинџа му биле лути на поранешниот прв човек на Бирото за јавна безбедност – Чавков, бидејќи цело време работеле по директива на Груевски, а подоцна ги оставил на цедило. Подоцна, на новинарски прашања, обвинителката соопшти дека наскоро очекува наредба за истрага за организаторите, иако овој пат директно не спомна имиња.

„Кои ќе бидат тие, ќе видите кога ќе ја изготвиме наредбата. Сепак сметам дека треба да се стрпите, да се донесе наредба за истрага“, рече обвинителката Русковска. 

Вечерта на 27 април Груевски од Виена силно го осуди насилството во Собранието

Претходно во судницата, обвинителството побара затворска казна за 16 обвинети за загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Минималната казна која ја предвидува законот е 10 години затвор. Рускоска истакна дека амнестијата на одредени лица не треба да влијае на конечниот епилог, иако извршило големо влијание врз чувството на неказнивост.

„Многу работи се случија од кога почна судскиот процес до сега, кога сме на завршни збориви. Многу работи се случија внатре и надвор од судницата. Внатре нема да ги заборавам сведочењата на Душица Мрѓа, Фросина Ременски и Павле Богоевски. Нивните емоции кај мене како човек предизвикаа горчина и срам, што таква траума им се случила во Собранието. Законот за амнестија како политичка одлука кај мене како граѓанин, донесе уште една горчина“, рече Русковска.

Сепак, Русковска е убедена дека обвинетите се виновни и дека обвинителството има цврсти докази пред судот. Судењето продолжува во понеделник каде завршни зборови треба да дадат обвинетите и одбраната.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести