Пратеникот Рамчиловиќ и Здружението на културно обединување на Бошњаците, потенцираат дека постапување по лично убедување е најдобро решение за претстојниот референдум

Објавил: Мартин Попоски | 18 септември, 2018 14:16

За Бошњаците Договорот од Преспа е класично понижување

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Пратеникот Зекир Рамчиловиќ и Здружението на културно обединување на Бошњаците од Македонија АВАЗ со реакции и став за Договорот од Преспа и претстојниот референдум за промена на името.

Во соопштението за јавноста, Зекир Рамчиловиќ и Здружението на културно обединување на Бошњаците од Македонија АВАЗ истакнуваат:

Периодот од 2017 година па се до денес и периодот кој што е непосредно пред нас е од огромно значење за сите македонски граѓани, за нашата држава и пред се за македонскиот народ. Негативните трендови во економијата, здравството, образованието, политички мотивираните судски процеси и др., ќе ги преживееме и ќе ги надминеме, но прифаќањето на грчите црвени линии околу нашето име и отстапувањето од она што беше национален консензус не смееше да се случат. Од политички аспект, позицијата што ја имаме како релативно млада држава наметна неопходност за решавање на проблемот кој Грција го има со нашето име, стои во соопштението.

Пратеникот Зекир Рамчиловиќ и Здружението за културно обединување на Бошњаците од Македонија АВАЗ понатаму додаваат:

Како припадници на бошњачкиот народ за нас е прифатливо решение само доколку истото e прифатено од мнозинството на македонскиот народ и од мнозинството на сите македонски граѓани. Приоритетот го даваме на македонскиот народ, а потоа на сите македонски граѓани затоа што како Бошњаци, сме дел и од нација на друга држава. А особено, што ние Бошњаците сме доживеале и промена на име од Босна во Босна и Херцеговина, промена на име на јазик од босански во земаљски, потоа во српско-хрватски, па и забрана за изјаснување како Бошњаци се до 28 септември 1993 година, кога ги вративме сите елементи на нашиот идентитет. Спогодбата за промена на име за целосна употреба е понижувачка, но ние нема да можеме ниту имаме право да не ја почитуваме волјата на македонските граѓани.

Здружението за културно обединување на Бошњаците од Македонија АВАЗ го завршува своето обраќање со следните констатации:

Длабоко веруваме дека Македонците се свесни за одговорноста која ја носат и во наредниот период ќе донесат исправна одлука со која ќе го заштитат својот национален идентитет и своите национални интереси. Сметаме дека е најискрено, како припадници на Бошњачкиот народ кои во минатото ги имаат доживеано и ги живеат последиците од негирањето на идентитетот, промените на името на својата држава или тогаш административна единица, промена на јазик, да се воздржиме од какво било лобирање и водење кампања по ова прашање. Сметаме дека секој треба самостојно да постапи по свое лично убедување. Здружението за обединување на Бошњаците АВАЗ смета дека ваквиот став е правилен и принципиелен – се потенцира во соопштението на АВАЗ.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Политика