Миленко Неделковски го обвини Груевски дека со кадри до СДСМ не можел да постигне ослободителна пресуда за толку слабо обвинение и се појасни

Објавил: Мирко Бачиќ | 5 септември, 2018 14:22

Миленко Неделковски до Никола Груевски “Кога не ме слушаш, ќе те апсат Никола”

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Вчера од говорницата на собраниската прес сала Никола Груевски драматично ќе порача: “Ниту јас, ниту моите адвокти нема да се појавиме утре на седница. И нивното присуството во Апелација не може ништо да промени. Никакви правни аргументи не се доволни на однапред политички договорена пресуда и однапред донесена политичка одлука“.

По оваа изјава и почетокот на денешниот ден се огласи и еден од најгласните мегафони за време на владеењето на Никола Груевски, кој очигледно кога беше добро “подмачкан” немаше лоши зборови за поранешниот премиер.

Миленко Неделковски во своето обраќање до Никола Груевски вели:

Оваа негова стратегија е после смрт болест, или после свадба тапани.

Никола Груевски наслонет на својот комуњарски адвокатски тим, тимцицачи на големи хонорари каков што е Стерју Зиков (многу сличен на Мики Максимум), ова зимо наместо да ги послуша моите добронамерни совети, совети на паталец а не на гаталец, отиде да се влечка по судовите! И отиде да докажува дека не е криминалец.

Очајно лоша стратегија и неизмерно дилетантски одиграно.

Јас, во колумната од 10-ти февруари насловена како “Голема стратешка и политичка грешка на Никола Груевски“  му порачав и посоветував што не треба а што треба да направи.

Накратко да се самоцитирам:

“Неговиот адвокатски тим ја третира неговата одбрана како да е тој криминалец. Тоа е катастрофална грешка. Тоа е грешка која ќе го чини слобода на повеќе години него лично, а исто толку години злопатење на неговата фамилија“.

“Човекот (Н. Груевски) е киднапиран од стереотипни адвокати и недоквакани советници, не ја гледа “поголемата слика“ од оваа во која е влезен“.

“Судењето, негово и на Сашо Мијалков, не е за криминал. Тоа е политички прогон, политичко судење. И, најважно, тоа е судење за земање на чаламот (рушење на имиџот) на Никола Груевски како лидер кој го обожаваа народните маси и на Сашо Мијалков како на човек од кого секој криминалец и шиптар се плашеше како од ѓавол“.

“Што треба Никола Груевски да направи? Па, најнапред да расчисти со себе дека не е криминалец, ами политички прогонуван национален лидер. Кога тоа ќе го разбере, може да оди на next level. Следното ниво е дека ќе треба на овој политички прогон, политички да одговори“.

“Единствената добитна варијанта за Никола Груевски е да не го прзнава овој суд, да не го признава СЈО, да не ги признава институциите на сегашниов фашистички режим, да се спротистави политички а не да се брани јуристички. Трба да престане да оди на суд и да почитува било каква судска, обвинителска или полициска наредба. Треба да покаже комплетна граѓанска, гандиевска, непослушност“.

“Ако Никола Груевски се плаши дека доколку не го почитува судот ќе биде приведен и замандален, да му објаснам дека вака како сега што ја тера секако ќе биде замандален. Евентуален договор со сатрапот од Кале и фашистите од Брисел дека ќе има сеопшта амнестја која ќе ги опфати и “бомбашите“, нема да се деси. Тие центри на моќ не функционираат со оддржување на дадените ветувања, туку со нивно кршење. Таквите ветувања не ги преживеаја Џинџиќ и Трајковски, не им се остварија на Санадер и на Јанша“…

Ете така. На Никола Груевски се му беше напишано, море нацртано, од мене уште пред 7 месеци. Сега, после толку време и влечење по судските ходници ко последен партал, почнува да ја имплементира мојата стратегија.

Но, морам да признам, малку е доцна. Чаламот му е одземен, моќта уништена, пораката нема веќе кој да ја слушне.

Остануваат само состаноците со неговиот исповедник Васко Ефтов и со неговиот адвокат Стерјо Зиковкој остана познат по судењето за “Генералите“ за “Раштански лозја“ каде бараше доживотни затворски казни. Во друштво со човек што си замина од СДСМ заради неостварени амбиции да Бранко Црвенковски му дозволи да стане Генерален секретар на партијата (Ефтов), и во друштво на најекспонираниот кадар на Ленче Софрониевска (С. Зиков) веќе не важат моите совети и политичките потези што требаше да ги направи Никола Груевски.

На крај, за неговиот “заклучок“ од вчерашната мини прес конференција дека “Ниту едно незаконско ставање во затвор нема да ги избрише од меморијата на граѓаните делата кои сум ги направил за оваа држава и овој народ“.

Тоа што ти си го работел и сработел Никола, била твоја работна задача. Не е тоа твој подарок кон народот. Туку обврска. Тоа што нас премиерите Бранко Црвенковски, Љупчо Георгиевски, Хари Костов, Владо Бучковски и Зоран Заев не научиле дека кога ќе заседнат во фотељата нема потреба ништо да работат ами само да крадат, не ти дава за право работите кои по службена должност си бил должен да ги правиш, сега да ги третираш како твој подарок кон нас.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести