Случајот со инспекторот Ѓорѓи Илиевски е најсвеж пример на селективна правда

Објавил: Данаил Михајловски | 26 јули, 2019 10:31

Наместо во обвинителство, граѓаните се жалат во странските амбасади

Фото/Текст извор: ©магазин

Македонија подолго време се соочува со проблемот на недоверба во институциите на системот, а многу граѓани спасот го бараат во обраќањето до странските амбасади. Според анкетата која ја спроведе ИПСОС на крајот на 2018 година, најниска доверба од само 20% граѓаните имаат во обвинителството и судовите. Оваа година неколку примери покажуваат дека недовербата кон овие институции расте. Затоа се почесто се случува за загрозувањето или повредите на нивните права македонските граѓани се почесто да се обраќаат до странските амбасади, најчесто на земји члени на ЕУ, со надеж дека авторитетот на странскиот фактор ќе им помогне да си ги остварат правата во македонскиот систем на селективна правда. Неколку скорешни примери го потврдуваат овој тренд:

  • мајката на Пино, незадоволна од МВР, бараше помош од амбасадата на Италија додека трагаше по нејзиниот исчезнат (убиен) син,

  • просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски, кој беше деградиран затоа што откри незаконитост со дипломите кај високи владини функционери, барал помош од француската и холандската амбасада

  • новинарите Момировски и Златев ќе ги информираат ОБСЕ и другите амбасади, затоа што полицијата ги повикува на распит и бара да ги откријат изворите на информирање преку кои пред јавноста обелоденија скандали поврзани со владата,

  • бизнисменот од Битола кој за да се спаси од плаќање на рекет за добиен тендер во РЕК Битола, ургирал за помош во амбасадата на Белорусија во Белград.

Новинарот Горан Момироски, заедно со колегата Љупчо Златев, е повикан на распит во полициска станица за да го открие изворот кој го снимил и укажал на скандалот за 7 милионскиот тендер, каде владиниот секретар Рашковски ги диригирал одлуките на М-НАВ. За ваквиот притисок од полицијата новинарите Златев и Момировски ќе ги известат дипломатите во ОБСЕ, како и неколку амбасади на земји членки на ЕУ.

Во нормални услови сите овие случаи би требало да се завршат со приговор, жалба или тужба и решение пред државните институции, како што се полицијата, обвинителот, народниот правобранител, второстепената комисија за жалби, обвинителството или судовите. Во случајот на просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски најдобро се гледа дека еден искусен и смел службеник ги искористил сите надлежности во својот инспекторат и се одважил да открие дека министерот за образование и заменик министерот за внатрешни работи (и двајцата функционери од редовите на ДУИ) на незаконит начин стекнале повисоки звања при универзитетот во Тетово. За истото писмено го известил и премиерот Заев, но и претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Но, наместо да биде пофален или награден за својата совесна работа и неселективна примена на законот, тој деновиве беше дисциплински казнет од раководството во просветниот инспекторат, а на медиумите не им беше дозволено да го следат настанот. За да се заштити себе си, своето право како инспектор, својот ранг, личниот доход, но и својот личен углед, инспекторот Илиевски морал да остварува средби со францускиот и холандскиот амбасадор, да им објасни што му се случува и да ги замоли да ургираат кај надлежните државни институции да не го деградираат. 

Наводите изнесени за бизнисменот од Битола, кој бил жртва на барање на рекет, исто така е загрижувачки. Имено, после добиен тендер во РЕК Битола во почетокот на оваа година, на бизнисменот му пристапил функционер од власта кој “за повисоки цели“ му побарал исплата на 250.000 евра во кеш. Бизнисменот не сакал да го плати рекетот, па ги искористил своите лични контакти со амбасадорот на Белорусија во Белград, кој е одговорен и за Македонија. Битолскиот стопанственик преку својата ургенција во белоруската амбасада во Белград, според вече наведените извори, успеал да се спаси. Но, самиот факт што одлучил да се обрати до странска амбасада, а не до обвинителството или полицијата во македонија, е многу загрижувачки тренд за целата држава.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.