Потпретседателот на ВМРО - ДПМНЕ, Николоски, ги посочи стравовивте на народот од "фингирани" резултати но и упорното укаживање што мора тој да прави изминатите 27 години

Објавил: Мирко Бачиќ | 13 септември, 2018 7:30

Николоски: Во 27 години, да го послушаме народот, не да му кажуваме што да прави

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Во своето гостување во Отвореното студио на телевизија Алфа, потпретседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Александар Николоски истакна дека само мал дел од етничките Македонци го прифаќаат Договорот од Преспа.

Според него огромно мнозинство на Македонци се против договорот, кое се разви во силно движење за не излегување на референдумот. Причината за тоа е, како што вели, стравот на граѓаните дека можат да бидат надгласани од останатите делови од народи кои што живеат во Република Македонија кои ќе одлучат за националниот идентитет за Македонците.

Николоски го спомена и стравот на граѓаните дека референдумот може да биде наместен, имајќи предвид претходни искуства во Република Македонија на како што вели баш чесни изборни процеси, секогаш кога СДСМ биле на власт.

“Овој договор се однесува на Република Македонија, но и на сите кои живеат во Република Македонија. Но пред се се однесува на Македонците како мнозински народ во Македонија и како народ кој што единствено овдека има своја држава и нема резервна држава. Овој договор ги допира најсензитивните лични идентитетски прашања на Македонците.

Чесно е за овој договор да се изјаснат сите, но пред се за овој договор треба да се изјаснат и став да имаат Македонците, бидејќи се однесува на нив. И сега да бидеме искрени, отприлика работата изгледа вака. Има многу малце од Македонците кои што се за, од свои причини, веројатно веруваат на овие ветувања од власта за членство во НАТО и ЕУ и сите оние билборди кои што ги гледаме по државата, кои што е смешно да се коментираат.”  – посочи Николоски.

Во продолжение Николоски акцентира што се прикрива зад прашањето и од што плашат граѓаните. 

“Има едно сериозно огоромно мнозинство кое што е против договорот. И сега се разви едно силно движење за не излегување на референдумот и се поставува логичното прашање зошто е тоа така. Зошто оние кои што се против се решаваат да не излезат на референдумот. Тоа не е така зошто некој во ВМРО – ДПМНЕ мисли така или некоја друга политичка партија мисли така или некој поединец мисли така. Тоа е така зошто дел од граѓаните сметаат дека можат да бидат надгласани на начин што, со цела почит на останатите делови од народи кои што живеат во Република Македонија ќе одлучат за националниот идентитет за Македонците.

И второ се плашат дека референдумот може да биде наместен, имајќи предвид претходни искуства во Република Македонија на не баш чесни изборни процеси, секогаш кога СДСМ биле на власт. И овие два страва стојат, особено помеѓу Македонците и мора да бидат испочитувани.” – додава Николоски.

Тој истакна дека веќе 27 години, во Македонија секогаш има некој кој на народот му кажува што да прави, најчесто спротивно на волјата на македонскиот народ.

“Колективистичкиот пристап на носење на одлуки, ја донесе Македонија до бездна. Ние имаме друга филозофија. Ние сметаме дека како демократска партија, ние треба да го слушаме народот, а не народот да не слуша нас, затоа што нас не бира народ и ние го претставуваме народот. Спротивно на тоа е поставување на надменост над народот.

Поставување на една сина крв, на едно кралевско однесување, кое што нема место ниту меѓу Македонците, ниту во Република Македонија, каде политичарите 27 години му кажуваа што да прави на народот, секогаш му кажуваа погрешно.” – изјави Николоски

Николоски рече дека народот знае дека се работи за личен интерес на политичарите, па затоа ВМРО – ДПМНЕ им порачува на граѓаните дека индивидуално треба да ја донесат одлуката за референдумот.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести