Се предвидува сите невакцинирани здравствени работници кои се во директен контакт со пациенти да бидат вакцинирани со две дози на МРП

Објавил: Катерина Крстиќ | 16 април, 2019 17:22

Од денес градинките низ цела Македонија нема да примаат невакцинирани деца

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

На денешната 130 владина седница, беше одлучено прогласување епидемија на мали сипаници на цела територија на Република Македонија.

-Согласно постапката, за вакви ситуации донесени се и соодветни препораки кои предвидуваат строго почитување на мерката за забрана на посета на градинки на невакцинирани деца со МРП на територија на цела држава, како и почитување на протоколот за движење на пациентите со симптоми на мали сипаници со цел да се намали оптоварувањето на клиниките за инфективни болести и педијатрија и да се намали стапката на интра-хоспитално ширење на инфекцијата, информираат од Владата.

Според член 56 од Законот за заштита на населението од заразни болести, при појава на епидемија во поголем број на општини во земјата, миистерството за здравство и владата треба да прогласат епидемија на ниво на целата држава, особено кога заразната болест покажува тенденции на забрзано ширење. Министерството за здравство тогаш наложува мерки за сузбивање на епидемијата. Член 64 од истиот закон вели дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат има право и должност додека трае опасноста од епидемија да забрани собирање на лица во училишта, кина, театри, јавни локали и игротеки, додека трае опасноста од епидемија.

Според она што беше одлучено се предвидува сите невакцинирани здравствени работници кои се во директен контакт со пациенти (особено педијатри, инфектолози и гинеколози) задолжително да бидат вакцинирани со две дози на МРП, а беше соопштено дека невакцинирани деца нема да бидат примени во градинките. Беше предложено вакцината МРП која се прима на 12 месеци, отсега да се рима на шест месеци со цел заштита на бебињата од мали сипаници чиј број секојдневно се зголемува.

-Како посебно важна препорака се нагласува потребата од интензивирање на мерките за вакцинирање на невакцинирани деца преку спроведување на кампањи за вакцинација и теренски активности за промоција на вакцинацијата спроведени од Центрите за јавно здравје и надлежните служби од Здравствените домови, и да се понуди дополнителна вакцинација со МРП за сите невакцинирани, некомплетно вакцинирани и лица без доказ за вакцинација кои се постари од 14 а помлади од 45 години, се наведува во соопштението од  Владата.

Мерките кои беа донесени денес особено треба да се засилат во останатите градови, вон Скопје.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести