Ниски хонорари ОТА без контрола

Објавил: Узунов Бобан | 5 септември, 2019 15:40

Поради ниските хонорари нема кој да ја контролира ОТА

Фото/Текст извор: ©магазин

Нема да се објавува нов оглас за втор технички експерт за постојана поддршка во Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, се додека не биде потпишан договор за консултантски услуги со првиот веќе избран експерт, заклучија на денешната седница членовите на собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите.

Претседателот на Комисијата Емил Димитриев информираше дека на веќе објавениот оглас за втор експерт не се пријавил никој затоа што, рече, дестимулирачки влијаел фактот што се уште не е ангажиран и првоизбраниот експерт поради спорот околу утврдувањето на неговиот надоместок.

За да се надмине овој спор предложено е законски да се регулира односно во веќе изгласаниот Закон за следење на комуникациите да се прецизира дека експертите ќе добиваат надоместок од една просечна плата, за разлика од членовите на Граѓанскиот совет чиј надоместок е две просечни плати во државата. Како што беше речено на денешната седница овие предлози не биле прифатени од страна на МВР со образложение дека Граѓанскиот совет е тој што треба да даде мислење и по ова прашање. Според членовите на собраниската комисија не е логично тие да добиваат задачи од страна на граѓанскиот совет, туку треба да самостојно да работат. Во таа насока, Димитриев меѓу другото посочи дека Граѓанскиот совет располага со девет милиони денари годишен буџет.

Претседателот на комисијата Димитриев е оптимист дека оваа точка набргу ќе биде ставена на деневниот ред на собраниската Законодавно – правна комисија, законот ќе биде донесен и со тоа ќе се деблокира ангажманот на техничките експерти.

На седницата беше усвоен и Извештајот за извршениот надзор во Оперативно техничката агенција – Скопје, во присуство на директорот Зоран Ангеловски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести