Денеска собраниска седница на Комисијата за деловничко и мандадно-имунитетни прашања

Објавил: Узунов Бобан | 29 мај, 2019 8:41

Пратениците ќе го бркаат од работа Никола Груевски ?

Фото/Текст извор: ©магазин

Членовите на Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања  денеска треба да расправаат за предлогот за одземањето на мандатот на пратеникот Никола Груевски.

Пратениците ќе одлучуваат по предлогот поради неоправдано отсуство на Груевски повеќе од шест месеци, а врз основа на известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, доставено на 15 мај 2019 година.

Не можам да му одземам нешто што не сум му го дал, беше одговорот на пратеникот Емил Димитриев минатата недела на прашањето како ќе гласа тој за предлогот за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски. Емил Димитриев беше технички премиер во Пржинската Влада токму на предлог на Никола Груевски. 

Седницата за одземање на мандатот на Груевски започна минатата недела, но не заврши поради оставката на пратеникот и претседател на комисијата Павле Богоевски.


Според член 59 од собранискиот Деловник, за пратеникот кој неоправдано отсуствувал од седниците на Собранието повеќе од шест месеци, претседателот на Собранието ја известува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Предлог за одземање на мандатот на пратеник во овој случај, поднесува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето од претседателот на Собранието, а по нејзиниот предлог за одземање на мандатот на пратеникот, Собранието води претрес на првата наредна седница.


За одземање на мандатот потребно е предлогот да го поддржат две третини од пратеници или 80 гласа „за“. Пред шест месеци Собранието не успеа да изгласа одземање на мандатот на Груевски на предлог на истата комисија со образложение дека тој е недостоен да ја извршува пратеничката функција поради изречената двегодишна казна затвор за набавка на луксузниот мерцедесот за случајот „Тенк“ на СЈО.

Пратеникот и поранешен премиер Груевски лани, во месец ноември избега во Унгарија каде доби статус на политички азилант.
 
Македонските власти по Груевски распишаа меѓународна потерница и побараа тој да биде екстрадиран во Македонија.

Груевски е обвинет во неколку предмети на Специјалното јавно обвинителство, за што Собранието му го одзеде имунитетот, а за дел од нив во отсуство му е одреден и притвор.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести