Реакции по објавените резултати за Годишната програма на Министерството за култура

Објавил: Стефан Каневче | 8 февруари, 2019 12:44

Скандалозна Годишна програма на Министерството за култура

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Министерството за култура на Р. Македонија денес ги објави резултатите за финансирање проекти во рамки на Годишната програма. Социјалните мрежи се преплавени со критики и негативни коментари во однос на одобрените проекти и износи. Особено е воочливо драстична разлика помеѓу одобрените износи на средства за албанските уметници кои се повисоко неколкукратно во однос на македонските уметници.

На пример на младата неетаблирана гитаристка Зана Дургути доделени и се 200.000 денари за концертна вечер со гитара, додека на младиот пијанист Арда Мустафаоглу кој е добитник на бројни меѓународни признанија доделени му се 20.000 денари.


На Националната установа “Охридско лето“ доделени се фантастични 25.000.000 денари, буџет каков што оваа установа немала во историјата. Нивниот буџет бил отприлика половина од тоа.

Воочливи се и големите износи на албански здруженија кои добија енормни средства. Здружението „Алегрето“ од Тетово доби 4.100.000 денари за 2 проекти, здружението „Артал“ од Тетово доби 3.500.000 за два проекти, додека пак фестивалите „Скопје џез фестивал“ и “Офф фест“ од светско реноме воопшто не се најдоа на списокот на одобрени проекти.


Реакции има и за одобрениот проект на ПРАГМА МЈУЗИК ЕНТЕРТЕЈМЕНТ ДООЕЛ кои добија поддршка од 500.000 денари за Балет на мраз, проект кој беше финансиран и реализиран во минатата година во ноември, што значи дека ова е вонредно финансирање на проектот реализиран во минатата година.

Од неофицијални извори, членови од комисиите на Министерството за култура кои работеле на разгледување на проектите се оградуваат од објавените резултати бидејќи тие воопшто не кореспондирале со нивните препораки. Се шпекулира дека пред објавување на конечните резултати се вршеле корекции во кабинетот на министерот.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.