Иако претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер предложи идните пристапувања да се гласаат по пат на мнозинство гласови, Франција и Германија сакаат да имат вето

Објавил: Мартин Попоски | 20 септември, 2018 8:10

Србија на патот кон ЕУ не ја кочи Хрватска туку две други земји

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Иако во Србија се мисли дека главната пречка на патот кон Европската Унија ќе и биде Хрватска, вистинската „опасност“ доаѓа од едно правило кое ЕУ не сака да го менува, пишува Еуроактив.

Во текстот на новинарот Аугустин Палокај се наведува дека суштински најголемите „непријатели“ на Србија на патот кон членството во ЕУ всушност и се Германија и Франција кои не сакаат да се откажат од правилото дека секоја членка на ЕУ има право на вето на проширувањето.

„Кога станува збор за преговорите со Србија, иако јавноста на Србија се забавува со тоа дека „Хрватска ги кочи“, главните кочничари се Германија и Франција. Тие сакаат постапката да продолжи, но не и да забрза. Сакаат Србија да верува дека ќе влезе во ЕУ, но не се согласуваат да ветат можни рокови“, се наведува во текстот.

ЕУ инаку често е блокирана од спороста и можноста секоја членка да стави вето на бројни одлуки на Унијата, поради што претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер предложи преминување од принципот на консензус на квалификувано мнозинство при гласањето во Советот на ЕУ и кога станува збор за надворешната политика.

Јункер тоа го објасни со потребата Унијата да ја зголеми својата можност да зборува со еден глас.

Меѓутоа, едно старо вето останува, се наведува во текстот, а станува збор за ветото на проширување од кое не сакаат да се откажат Франција и Германија. „Тие ни во сон не би се согласиле на тоа да немаат право и можност да го одбијат влегувањето на Турција во ЕУ“, се истакнува.

„Значи, уште долго, можеби додека постои Европската Унија, секоја држава членка ќе може барем 76 пати да ја сопре државата кандидатка на патот кон ЕУ, а на крајот и да ја отфрли“, заклучува Еуроактив.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.