По партиска "јавна" дебата, уставните измени поминаа и на владина седница, останува собранието да одржи комисиска по што ќе се гласаат уставните амандмани во финална фаза

Објавил: Мартин Попоски | 13 декември, 2018 8:37

Усвоен финалниот текст на предлог амандманите, Атина и Софија незадоволни

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Владата на Република Македонија на 108-мата седница го усвои финалниот текст на предлог амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија.

Истите веднаш и ги достави до Собранието на Република Македонија.

Амандманите се составен дел на Уставот и влегуваат во сила со влегување во сила на конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993 година) и 845 (1993 година) на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од првата страна на конечната спогодба.

Амандманот XXXIII гласи: Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36 од Уставот на Република Македонија.

Со амандманот XXXIV се вршат измени во преамбулата, амандман 4 на Уставот на Република Македонија, и тој гласи: Во преамбулата на Уставот на Република Македонија се бришат зборовите „кои живеат во нејзините граници“, „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „правните одлуки што се наведени во прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „на кои се изрази волјата за создавање самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“.

Со текстот на амандманот XXXV стои: Републиката ги почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“ се дополнува членот 3 од Уставот на Република Македонија.

Како резултат на јавната расправа, измени има и во текстот на амандманот XXXVI, кој сега гласи:

  • Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ;
  • Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани што живеат или престојуваат во странство;
  • Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и на другите заедници и ги негува и унапредува врските со татковината;
  • Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Уставните амандмани во финална фаза ќе се гласаат во законодавниот дом, за што е потреба поддршка од двотретинско мнозинство т.е. 80 пратенички гласови во поддршка.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести