Академик Катица Ќулавкова со одговор на дефиницијата на министерот за надворешни работи Димитров за македонскиот јазик

Објавил: Узунов Бобан | 15 март, 2019 11:28

Академик Ќулавкова со лекција до Димитров: Не може да се негира дека во Грција постојат Македонци кои зборуваат на македонски јазик

Фото/Текст извор: ©магазин

Денес, во Македонија, политичарите се однесуваат како да се овластени да судат, да расудуваат и да одлучуваат за македонскиот јазик, анализира академик Катица Ќулавкова.  

-Министерот за надворешни работи деновиве беше под критика на јавноста за неговата изјава дека Македонците од Егејска Македонија не зборуваат на македонски јазик. 

Нејзиниот статус го пренесуваме во целост:

Политичарите во Македонија:

– носат одлуки во име на лингвистите и во име на народот;
– прават рестриктивни дефиниции на македонскиот јазик, неговото потекло и неговата историја;
– го релативизираат идентитетот на македонскиот јазик со тезата дека самите Македонци не го зборуваат правилно и се јазично полуписмени, наместо да преземаат мерки за подобрување на јазичната култура и образование (а, со наставните планови, се предвидени само 2 часа седмично за образование по македонски јазик и книжевност!!!, за албанската популација ни тоа не важи!);
– ја негираат улогата на македонската дијаспора;
– одбиваат да спомнат, јасно и гласно, дека во соседна Грција живее македонско население чијшто мајчин јазик е македонскиот;
– го ревидираат статусот на македонскиот јазик како државен/национален (според категориите на ЕУ Повелбата), следствено задолжителен за сите граѓани на Македонија;
– го маргинализираат и го санкционираат македонскиот јазик, обврзувајќи ги македонските граѓани и институции да го користат албанскиот на цела територија на РМ;
– поддржуваат буџети со коишто веќе 10 години НИТУ ЕДЕН нов научен проект не е поддржан во областа на македонскиот јазик, а во 15 години САМО ЕДЕН нов научен работник е вработен во Институтот за македонски јазик (затоа има околу 1500 вработени во Секретаријатот за спроведување на ОД, инаку одамна спроведен!);
– не ја поддржуваат финансиски работата во лингвистичките атласи (европскиот и општословенскиот);
– не ја ратификуваат ЕУ Повелбата за регионални и малцински јазици, иако таа поволно би влијаела врз јазичните политики во државава…
Од една страна, шокантен е молкот на научните и образовните институции пред ваквите јазични политики во Македонија.
Од друга страна, поединците кои ја обелоденуваат вистината се омаловажени и маргинализирани.
Соочени со големи искушенија и заблуди, станавме жртви на специјални облици на колонизација.
Да се биде свесен значи да се биде буден!
Да се биде буден значи да се дејствува!
Ќе се разбудиме ли, конечно, од мечкиниот сон?-пишува таа.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести