Одлуката на Апелациониот суд Скопје не е правосилна и против истата може да се изјави редовен правен лек – жалба до Врховниот суд

Објавил: admin@magazin | 11 април, 2019 16:29

Апелација: Во пресудата за прегазената студентка земени се предвид сите околности

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Апелациониот суд Скопје во врска со реакциите во јавноста по повод одлуката по предметот КЖ.бр.954/18, за студентката Фросина Цековска која беше прегазена на пешачки премин кај Универзална сала во април, 2015 година, преку соопштение ја информира јавноста за околностите кои влијаеле за донесување на неговата одлука во врска со овој предмет.

-Со оглед на наведеното имајќи ја во предвид и судската пракса за ваков вид кривично правни настани, советот на овој суд го осуди обвинетиот на казна затвор од 3 (три ) години, а воедно му изрече и казна забрана за управување со моторно возило од Б категорија во период од 1 (една) година, наведуваат од скопска Апелација.

Апелациониот суд Скопје во текот на жалбената постапка, имајќи го предвид фактот дека првостепената пресуда веќе еднаш е укината советот на овој суд одлучи да се одржи расправа пред второстепениот суд, на која јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје изврши измена на описот на обвинителниот акт по што обвинетиот ја призна вината за стореното кривично дело и следуваше судот да донесе пресуда врз основа на признание на вина, се наведува во соопштението.

При определување на видот и висината на казната советот, се посочува, ги имаше во предвид сите олеснителни и отежнувачки околности на страна на обвинетиот, признанието на вина и досегашната неосудуваност на обвинетиот, како и други околности конкретно наведени во писменото образложение на одлуката, а особено околностите под кои се случила сообраќајната незгода во која согласно приложеното вештачење е утврдено дека придонес покрај обвинетиот кој го управувал возилото под дејство на алкохол од 1,13 грам промили и со брзина од 85км/час која била поголема од ограничената 60км/час за град Скопје, свој придонес има и оштетената која како пешак го минувала коловозот на запалено црвено светло за пешаци.

Одлуката на Апелациониот суд Скопје не е правосилна и против истата може да се изјави редовен правен лек – жалба до Врховниот суд на Република „Северна“ Македонија, стои во соопштението.

Таткото на Фросина, Љупчо Цековски, сепак не се откажува и вели дека ќе бара правда додека е жив.

Обвинетиот за делото на второто судење беше осуден на четири години затвор, а Апелацискиот суд по разгледување на жалбата на јавен претрес му ја намали затворската казна на три години. На првото судење му беше изречена казна затвор од 6,5 години.

Веста дека Апелацискиот суд одлучил да му ја намали затворската казна на обвинетиот Љубиша Видојковиќ на три години ја разгневи цела јавност, но на семејството му ја запечати болната вистина дека засега нема правда за нивната ќерка.

„Јас ќе барам правда додека сум жив. Ова е Див запад, не е правна држава“, вели таткото на студентката. Цековски уште се сомнева дека обвинетиот не е вистинскиот возач кој седел зад воланот на „хондата“. Во една изјава за медиумите, тој тврдеше дека вистинскиот сторител го штитат моќни луѓе во државава.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести