Во својата недела колумна, поранешниот пратеник и поранешен висок функционер на ВМРО - ДПМНЕ, Ламбе Арнаудов ги коментира петочните предавства на пратениците

Објавил: Мартин Попоски | 24 октомври, 2018 11:09

Арнаудов: Клечевте пред стравот и за навек заработивте срам

Фото/Текст извор: ©република.мк

Долгогодишниот член, поранешен пратеник и поранешен висок функционер на ВМРО – ДПМНЕ, Ламбе Арнаудов, во своја неделна колумна ги коментира одметнатите пратеници но и случувањата во ВМРО – ДПМНЕ.

Арнаудов кој одреден период беше вториот човек после поранешниот претседател на ВМРО – ДПМНЕ, Георгиевски, и член на ВМРО – НП, меѓу другото напиша:

Веднаш, после црната петочна вечер на осумдесете вештерки и вештери јавајќи на метли кога ја пислојсаа и пометија сопствената татковина и народ, многу луѓе со пораки или при средби ме прашуваа: Како е можно да не снајде вакво зло од блудните неколкумина неранимајковци?

Одговорот е единствен, јасен и прецизен, и затоа во овој мој текст ќе одговорам и ви препорачувам, чесни патриоти, мои пријатели, бидете спокојни. Убеден сум дека од кога ќе го прочитате ќе бидете уште поспокојни.

Одма да бидеме на чисто. Ги обвинувате дека ја продале својата душа. Неточно. Како може да се продаде нешто што не се поседува? Прво треба во себе да пронајдат душа. И никогаш нема да имаат освен ако не го послушаат добронамерниот совет од народот. Покајте се. Покајан грев не е грев. Имате се уште време, да ви прости народот. Многу скоро ќе имате прилика за поправен испит.

Ако сте го направиле тоа за пари е голем грев. Парите на ваков начин и за ова цел спечалени се ѓубре и измет. На нив се радуваат и гоштеваат само муви, најомразените и најдосадни, воопшто бескорисни, но најмногу штетни инсекти. Тие секогаш ги несат своите проколнети јајца во најздравото ткиво, го напљуваат и го црвосуваат за потоа да шират неподнослива смрдеа. На такви пари никогаш нема да се израдувате и ајросате.

Слободата како алиби за овој срамен чин не ви држи. На затворениот патриот заради љубов кон татковината, слободата му е најмила во затворот. На ослободениот заради предавство, слободата ќе му е најтешко ропство.

Што направивте вие петокот, на Ноќта на вештерките кој за жал за Македонија дојде порано. Клечевте пред стравот и за навек заработивте СРАМ. Овие за кои денес сте херои кога неправедно ве нарекоа терористи, сите, меѓу кои и јас ве браневме затоа што ве сметавме за јунаци и патриоти а не терористи.

Сега сте терористи. Извршивте срамен кукавички терористички напад врз своите родители, татко ВМРО и мајка ви Македонија, врз сите останати од вашето семејство, браќа, сестри, комшии, пријатели, колеги, знајни и незнајни, питоми и чесни луѓе исполнети со љубов кон Народот и Татковината. Затоа и ве стигна единствената и најтешка казна без право на помилување СРАМОТ. Нема да можете не од дома да излезете. Од ќерал не ќе излезете.

Вашиот ментор се потсмева со вас и ви ветува дека ќе ве брани и ви гарантира безбедност. Тешко оној што треба да го браниш од народот. Рече ќе ве брани сите 120 пратеници, посебно вас 7-мина лигуши. А кој ќе не брани нас 2 милиони од него. Македонија не е земја со 120 жители пратеници. Како ќе ве одбрани кога ни тој самиот не може да се одбрани.

Од СРАМОТ никој на светов не може да ве одбрани.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести