На референдумот за промена на името, рекорден број села каде нема да се гласа, затоа што во нив скоро сите се иселиле и рекорден број набљудуваат, 6.000 на 1.500 избирачки места

Објавил: Мартин Попоски | 16 септември, 2018 6:13

Во 81 село нема да се гласа на референдумот, не живее веќе никој

Фото/Текст извор: ©телма.ком.мк/магазин.мк

Во 81 населено место во Македонија нема да се гласа на референдумот.

Причина е масовното иселување кое резултираше со тоа, во  нив да живеат под 10 жители што, пак, е законскиот минимум за да се организира гласање, соопшти ТВ Телма во направената анализа.

Најзагрозена е општина Прилеп, каде дури во 13 села живеат под 8 жители. Веднаш зад него е Македонски Брод со 8 иселени села, од кои две имаат само по еден жител. Следат Пробиштип и Демир Хисар со по 6 места во кои има само по неколку жители, додека во Кичево и Маврово има по пет вакви места.

Чашка има четири такви села, од кои во едно повеќе не живее никој. Сите се иселени и од едно село во Петровец, каде има уште две места со минимален број на жители.Следат Кратово, Штип, Дебарца  и Конче, со по три речиси иселени села, а по едно до две има и во Кочани, Гевгелија, Велес, Сопиште, Неготино, Охрид, Кавадарци, Гостивар, Крушево и Радовиш. 

Малкуте останати жители, ќе можат да гласаат во најблиското поголемо населено место, кое не е подалеку од три километри.

Општинските изборни комисии ќе треба да ги известат гласачите, каде можат да гласаат. Од Државната изборна комисија велат дека овој проблем со секои избори станува се поголем.

ДИК почна и медиумската кампања за информирање на граѓаните за референдумот. Се емитуваат три видео записи, едниот ќе биде од информативен карактер, а другите ќе ги учат гласачите за нивното гласачко право.

Граѓаните овојпат ќе мора многу да внимаваат при гласањето, затоа што гласачкото ливче е поразлично од тие на избори.

Гласачките ливчиња повторно се испечатени во битолската печатница ,”Киро Дандаро”, за што се потрошени 13 милиони денари, двојно помалку од изборите минатата година.

За набљудување на референдумот досега се акредитирани над 6.000 набљудувачи, а нивниот број секојдневно се зголемува.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести