Д-р Митре Милошевски ја доби довербата на партијата за локалните избори во Охрид

Објавил: Узунов Бобан | 12 март, 2019 15:16

Докторска трка за градоначаник на Охрид..еве кои се кандидатите на ВМРО и СДСМ

Фото/Текст извор: ©магазин

Вчера Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ избра кандидати за градоначалници на претстојните избори за Охрид и Ново Село.

-Во делот на Охрид кандидат на ВМРО-ДПМНЕ е д-р Митре Милошевски, неврохирург, татко на две деца, вработен во болницата Свети Еразмо во Охрид. Роден на 29.10.1963 год. во с. Битуше.
Степен на школско образование: високо, Медицински Факултет заврши во Скопје во 1987 год. Специјализација по НЕУРОХИРУРГИЈА 2000 год. на Медицински Факултет во Скопје. Дејности со која се занимава се повреди и дегенеративни страдања на рбетниот столб и мозок и повреди и заболувања на ЦНС и краниумот

 Д-р Митре Милошевски е одличен кандидат, го препорачуваме на Охриѓани, охриѓани го препознаваат и во наредните 40-тина дена нема да има врата, нема да има населено место, нема да има населба, село или било која улица во која што нема да појде. Сметаме на победа во Охрид. Изборите во Охрид се навистина важни исто како оние во Ново Село, во Дебар и секаде каде што има избори, и се надевам на навистина одличен резултат, истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев.

Тој посочи дека изминатата една година Охрид целосно и тотално беше заборавен од централната власт.

-Нема никакви проекти, Охрид стагнира, Охрид се иселува, Охрид исчезнува и затоа на градот, на околните места им е потребен и економски и локален напредок, а тоа нашиот кандидат Митре Милошевски заедно со својот тим, заедно со граѓаните може да го обезбеди. 

Против кандидат од СДСМ иако сеуште нема официјална потврда, како што брифираат извори од СДСМ најверојатно  ќе биде актуелниот в.д градоначалник на Охрид Константин Георѓиевски исто така доктор по професија. 

Георгиевски е роден на 9 октомври 1977 година во Охрид. . Од 1996 до 2003 година е доктор по медицина на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што дипломира, а подоцна од 2005 до 2009 година се стекнува со специјализација по интерна медицина. Георгиевски е симпатизер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. На локалните избори во 2017 година е носител на листата на советници на СДСМ. По смртта на градоначаникот Јован Стојаноски тој ја врши функцијата в.д градоначалник.

Исто така Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ заседаваше и констатираше дека вкупните состојби во Република Македонија се тешки, економската состојба е катастрофална, иселувањето е поголемо од било кога.

-Тоа се гледа и преку бројките, така што ова беспреспективност која што во моментот ја имаме во Македонија треба да биде прекината. Наместо развој, наместо инвестиции, власта на СДСМ секој ден нуди скандали кои што немаат никаква разрешница, нема живот туку напротив иселување и исчезнување, рече Ѓорчев. 

Централниот и Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го кандидираат Николчо Стоилков од Ново Село за градоначалник на општина Ново Село, магистар по деловно право и вработен во Царинската управа на Република Македонија, татко на две деца, домаќин човек кој што го знаат граѓаните на сите населени места во општина Ново Село. Време е да се стави крај на скандалите во општина Ново Село. Време е да се стави крај на криминалот во Ново Село, епизодите поврзани со Боро Малборо и сите останати скандали кои што таму се случуваа-истакна Ѓорчев за кандидатот за Ново Село. 

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести