Владината коалиција во ќорсокак за изборот на консензуален претседател

Објавил: Узунов Бобан | 25 јануари, 2019 9:10

ДУИ го условува консензуалниот претседател со неодржување на парламентарни избори ?

Фото/Текст извор: ©независен.мк/магазин

Постапката за избор на кандидат на СДСМ за претседател на државата се очекува од следната седмица да се пресели во партиската база. Централниот одбор на партијата, на денешната седница, која е закажана за 19 часот (а еден час претходно ќе заседава Извршниот одбор), веројатно, ќе ја почне постапката за избор на претседателскиот кандидат. По неколку анкети што беа направени за оваа цел, сега прво месните, а потоа и општинските организации на партијата треба да ги евидентираат можните кандидати за шеф на државата.

Според проценките, базирани и на анкетите со кои се испитуваше пулсот на пошироката јавност, а не само на традиционалното гласачко тело на СДСМ, во потесниот круг влегуваат четворица кандидати. Од една страна се вицепремиерите Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, меѓу кои би се одлучувало доколку натежне проценката дека партијата би требало да настапи на изборите со потврдо партиско решение. Од друга страна се Стево Пендаровски, националниот координатор за НАТО, и министерот за надворешни работи Никола Димитров, како понеутрални решенија, кои, наводно, подобро фигурирале во анкетите што ги нарачала партијата од две познати агенции за испитување на јавното мислење.

Адут на Заев за претседател на државата е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Проблемот е дали ДУИ ќе го прифати Спасовски за консензуален претседател.

На тест беа десетина потенцијални кандидати, иако, според информациите, дел од нив се ставени на списокот само за да се тестира какво е расположението на граѓаните за одредени профили на личности. Меѓу потенцијалните кандидати за кои се испитува јавното мислење е и универзитетскиот професор Денко Малески, кој важеше за фаворит на ДУИ за консензуален кандидат за шеф на државата. Но Малески се огласи вчера во јавноста со текст во „Плусинфо“, објавен под наслов „Не сум претседателски кандидат“.

„Во отсуство на секаква комуникација со партиите, и со непријатно чувство дека станувам предмет на манипулација, потсетувам дека не сум претседателски кандидат и барам моето име веднаш да престане да се употребува во контекст на претстојните претседателски избори“, вели Малески во изјавата за „Плусинфо“.

Според партиски извори, ДУИ, по Малески, како можни консензуални кандидати ги преферира наводно Пендаровски и премиерот Зоран Заев, кој во неколку наврати досега изјави дека нема намера да се испроба во трката за шеф на државата.

Сепак, не се исклучува можност ДУИ да застане зад кој било кандидат што на крајот ќе го избере СДСМ, односно да не ја условува својата поддршка со дополнителни барања, доколку претстојната седница на Централниот одбор на главната владејачка партија заврши со одлука редовните претседателски избори да не се комбинираат со вонредни парламентарни избори. Во спротивно, според партиски извори, би биле отворени сите опции, па и таа за самостоен настап на ДУИ во првиот круг од претседателските избори – за да се искористи кампањата за шеф на државата за засилување на позициите на партијата на вонредните парламентарни избори што би се одржале заедно со вториот претседателски круг.

Всушност, решението за тоа дали ќе се оди на спојување на циклусите за избор на нов претседател и нов парламентарен состав е поприоритетна моментно за СДСМ. Одлуката за тоа, според партиски извори, ќе биде донесена откако ќе се исцрпи целата дискусија, така што не е исклучено седницата на ЦО да не заврши вечерва. Како што се наведува, има многу аргументи и „за“ и „против“ предвремени избори, така што сето тоа ќе треба да се стави на вага за на крајот да се види која опција е посоодветна во овој политички контекст во државата.

СДСМ, како што посочуваат партиски извори, ја отвора темата за евентуални предвремени избори како барање на опозицијата, а не како иницијатива на владејачката партија. Од друга страна, ДУИ дава голем отпор во однос на можноста за спојување на двата изборни циклуси. Од тој аспект, според проценките, не е исклучено, во случај на одлука за вонредни избори, потребните 61 глас за распуштање на парламентот да ги обезбедат пратеничките групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, иако и во собранискиот табор на опозицијата, поголем е бројот на поединци кои „навиваат“ до крај да го истераат овој мандат, затоа што проценките се дека малкумина од оваа постава на ВМРО-ДПМНЕ во законодавниот дом ќе се најдат повторно на кандидатските листи за пратеници.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести